ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ ОД НАЈВИСОК СТЕПЕН

Приближно илјада деца починале од топлотни бранови во автомобили во САД од 1990 година, а 56 проценти од децата што починале во инциденти поврзани со топлотни бранови биле „случајно оставени и заборавени во возило“! Мнозинството деца, дури 87 проценти, што починале откако биле оставени во врели возила биле на возраст до три години, додека нешто повеќе од половина, 54 проценти, сѐ уште биле доенчиња

Иако временските услови сѐ уште не се проследени со високи температури, тоа не значи дека опасности од жешкото време ќе нема. Напротив. Во наредниот период сигурно ќе следува „жешко, тешко и спарно време“ и ќе претставува, според експертите соговорници, дури и „вистинска животна опасност по животот на луѓето, особено за децата во автомобилите“. Како?!

Имено, ако надвор е топло и спарно, во автомобилот е барем двојно повеќе, а доколку мало дете остане во такви услови подолго време му се закануваат здравствени проблеми што можат да резултираат и со смрт.

ВО ТРКА СО ВРЕМЕТО

Многумина од родителите денес немаат помош околу чувањето на децата, па се принудени при завршувањето на обврските со себе да ги земат и своите малолетни деца. Таквите ситуации ќе станат уште почести и со почетокот на летниот распуст, кога децата немаат училишни обврски и своето време го минуваат дома.
Трката со времето за да се завршат што е можно повеќе обврски за што е можно пократко време може да заврши катастрофално, особено доколку родителите ги остават своите деца во автомобилите, за побрзо да завршат одредена обврска.
Ако надвор температурата на воздухот е околу 30 степени, во автомобил (накратко паркиран и со исклучен клима-уред) може за неколку минути да се искачи дури и за десет степени повисоко, а токму тоа претставува сериозна и животозагрозувачка околност за најмалите.

Воопшто не е мала бројката на родители низ светот што на вакви температури, при топло и спарно време, ги оставиле своите деца во автомобил, по што, поради топлотен удар, децата завршиле во болница или, пак, го загубиле својот живот. Таквите ситуации најчесто се случуваат далеку од нашата земја, но, иако ретко, сепак ги има и кај нас.

Статистиката покажува дека дури и пет минути во таква ситуација можат да бидат кобни.

Според статистиката, просечно, 38 дечиња умираат во врели и затоплени возила во летниот период секоја година во Америка, каде што ваквите случаи се и најчести. Тоа, според безбедносната организација „Кидс анд кар сејфти“, претставува една смрт на дете во девет дена. Оваа организација, заедно со „Адвокатите за автопат и автобезбедност“, го повика американското министерство за транспорт да вклучи одредби во Законот за инфраструктура за заштита на децата од вакви последици.
Застапниците на идејата за силно и гласно предупредување од оваа појава укажуваат дека илјада деца починале од топлотни бранови во автомобили во САД од 1990 година, а 56 проценти од децата што починале во инциденти поврзани со топлотни бранови биле случајно оставени и заборавени во возило.

Мнозинството деца, дури 87 проценти, што починале откако биле оставени во врели возила биле на возраст до три години, додека нешто повеќе од половина, 54 проценти, сѐ уште биле доенчиња.

Експертите велат дека дури и да е отворен прозорецот од автомобилот, температурата во возилото може да достигне 52 Целзиусови степена за неколку минути, а 80 проценти од зголемувањето на температурата се случува во возилото во првите десет минути од престојот во паркиран автомобил.
– Детското тело се прегрева од три до пет пати побрзо од телото на возрасно лице, што резултира со неповратно оштетување, кое настанува во рок од неколку минути – велат експертите.

Според нив, од исклучителна важност е родителите да го проверуваат своето возило секогаш и во брзањето да завршат некоја работа, да не забораваат на своите деца. Во тој контекст, дури советуваат, кога одите со деца некаде, да оставите телефон или паричник на задните седишта, за, кога ќе треба да излезете од возилото, да мора да се завртите назад и на тој начин да не ги заборавите децата внатре.

АЛАРМ ЗА СИТЕ: САМО ГОДИНАВА ШЕСТ ДЕЦА ПОЧИНАА ВО АВТОМОБИЛИ
ВО САД

Три мали деца починале во САД, откако биле заборавени од страна на своите родители во прегреани автомобили.
Трагедиите се случиле во Вашингтон, Тексас и Флорида, пишува Ен-би-си. Со ова вкупниот број на загинати деца во автомобили годинава се искачи на шест, што е двојно повеќе од ланскиот број.

Во Хјустон, четиригодишно момче било пронајдено со двегодишно девојче во отклучен паркиран автомобил. Двајцата биле итно пренесени во болница, а лекарите успеале да го спасат девојчето, но не и момчето. На Флорида, 11-месечно бебе починало откако родителите го оставиле во жежок автомобил додека присуствувале на миса. Бебето било оставено во автомобилот околу три часа. Тоа било пренесено во болница каде што била констатирана смрт.

Полицијата ги повикува луѓето да не оставаат деца во паркирани автомобили дури и ако не е особено топло. Можеби надвор е пријатна температура, но во исто време температурата во автомобилот може да биде опасно висока, велат од полицијата.

ЕДЕН СЛУЧАЈ И ВО МАКЕДОНИЈА

Иако ваквите случаи на заборавање деца во автомобили се најчести во Соединетите Американски Држави, пред само неколку години, јавноста во Македонија беше згрозена од случај на оставање малолетни деца сами во автомобил на високи температури.

Во 2019 година, на паркинг на булеварот Видое Смилевски-Бато, беше пријавено дека во возило биле заклучени две малолетни деца.
Министерството за внатрешни работи тогаш изјави дека полициските службеници веднаш излегле на терен и ги извадиле децата, кои потоа биле однесени на скопските клиники.

За среќа, децата беа во добра здравствена состојба. Едното на седум, другото на четиригодишна возраст биле лесно дехидрирани и видно исплашени.

По овој случај, јавноста беше згрозена, некои од граѓаните дури бараа ваквото однесување да се третира како обид за убиство, за родителите да внимаваат на сопствените деца.
– Не ми е јасно како може да заборават дете во автомобил, како родител имате обврска да се грижите за тоа дете. Таквото неодговорно однесување треба најостро да се санкционира.

Може намерно да бидат оставени во возило, но не можам да разберам како некој си го заборава детето во автомобил. Невозможно е дете да се заборави, освен ако е бебе и ако спие – вели Андријана Вељановска.


И во Македонија постои строго регулиран протокол

Според консултациите што ги правевме за да дознаеме, доколку се појави случај на заборавено дете во автомобил, кој би требало да реагира, сите патишта нѐ одведоа до телефонскиот број на Центарот за управување со кризи – 112.
Оттаму велат дека досега немале ваков случај и дека протоколот во вакви случаи е строго регулиран.
– Добиваме пријава на 112. Ја земаме локацијата од телефонскиот број на јавувачот или, пак, ја бараме од него. Бараме детален опис на ситуацијата, за да знаеме со што се соочуваме. Дали децата се во добра здравствена состојба, дали се контактибилни или не. Потоа, во координација со полиција, брза помош и пожарна, испраќаме амбулантно, пожарникарско и полициско возило. На терен прво настапуваат пожарникарите, кои ги вадат децата, а потоа ги презема брзата помош. Се носат на преглед за да се утврди нивната здравствена состојба. Полицијата останува за да утврди одговорност во согласност со нивните надлежности – информираат од ЦУК.


Како е во Шведска

Случаите со заборавање деца во возила не се ретки ниту во Европа. И таму се случува родителите да си ги заборават децата во возило, но во овие земји, законот е категоричен и за такво дело родителите заработуваат драконски казни.
Македонец што долго време живее во Шведска, за нашата анализа сведочеше за настан што се случил пред трговски центар. Мајка ги заборавила децата во автомобил. Иако во овој случај не станувало збор за пеколно високи температури, тука случајот бил обратен, температурите биле екстремно ниски.
– Вработените во обезбедувањето на трговскиот центар веднаш се јавија на бројот за итни случаи, од каде што беа испратени полициско, пожарникарско и амбулантно возило. Први реагираа пожарникарите, кои го обија возилото, кршејќи го задното стакло од каде што ги извлекоа децата, кои веднаш беа однесени во болница за да добијат лекарска помош. Мајката беше пронајдена од полициските службеници. Истата таа беше приведена за запоставување деца и доби казна во висина од три илјади евра – вели нашиот соговорник.