Фото: Игор Бансколиев

Поради дивеењето на дрвокрадците се доведуваат во прашање постоењето на природните убавини и богатиот диверзитет на овој регион. Жителите на подјабланичките села велат дека секојдневно се сведоци на нелегална сеча, поради што можат да останат и без вода за пиење. И додека се прогласи Јабланица за национален парк, со флора и фауна под заштита на државата, таму шумите и екосистемот тотално ќе бидат сотрени и ќе останат само голи падини и потенцијални свлечишта…

Тревогата не стивнува: во Струшко продолжува неконтролираната сеча на шумите!

Иницијативата за прогласување на планината Јабланица за национален парк неколку години е во мирување од македонска страна. Познавачите велат дека оваа состојба ги доведува во прашање постоењето на природните убавини и богатиот диверзитет на Јабланица. Дека состојбата е сериозна, укажуваат и жителите на струшките села Вишни и Радолишта, според кои, повеќе од една деценија неограничено се експлоатира шумскиот фонд. Според нив, планот за стопанисување со шумата во атарот на Вишни важел заклучно со мај 2019 година, но и покрај тоа мештаните посочуваат дека се сведоци на постојана сеча и пустош на шумите, поради што има голосек на цели површини.
Жителите на Вишни за оваа состојба се обратиле и до Министерството за животна средина од каде што биле информирани дека до 2028 година нема можност за издавање за сеча на шумите во вишенскиот атар. Меѓутоа и покрај ова, Цветозар Ристески, претседател на месната заедница во Вишни, вели дека дневно околу 60 камиони натоварени со огревно дрво поминуваат по локалните патишта, а досега не се преземаат никакви активности. Жителите на Вишни и на Радолишта го искажаа своето незадоволство со протест, посочувајќи дека стравуваат од свлечишта, како и од можноста да останат без вода за пиење бидејќи има намалување на водостоите во вишенските извори, како и оштетување на локалните патишта.
Со овој проблем се соочуваат и жителите на десетина околни села. Џевдет Даути од селото Радожда вели дека станува збор за организиран криминал, за кој државата треба да преземе мерки, бидејќи тие како граѓани се немоќни „ако државата има страв од 15 крадци, тогаш што можеме ние да сториме за тој проблем?“

Жителите на селата бараат да се воспостави мораториум за сечење на дрвјата на Јабланица сѐ додека не се воспостави план за управување, кој нема да предизвика неповратни штети по богатиот диверзитет. Од Национални шуми – Струга велат дека сѐ било законски. Се работело со план со важност од 2019 до 2028 година. Тие објавувале тендер за избор на фирма, по што таа легално сечела дрвја низ цела Јабланица. Според нив, има дрвокрадци од Македонија, но и од Албанија.
Познавачите на состојбите велат дека Македонија мора да воведе построги прописи и да го зајакне инспекцискиот надзор за да се спречат бесправната сеча и нелегалната трговија со дрво. Според информации што се однесуваат за 2019 година, од македонските шуми биле бесправно исечени 27.409 кубни метри, а биле поднесени 602 пријави, од кои 518 прекршочни и 84 кривични. Истовремено биле произведени 93.450 кубни метри техничко и 410.467 кубни метри огревно дрво или вкупно 503.925 кубни метри. Податоците покажуваат дека дивата и нелегална сеча е најголемиот проблем за шумите.


Планината Јабланица има значајни природни
вредности и богат биодиверзитет

Во 2011 година беше поведена иницијатива за прогласување на планината Јабланица за национален парк заедно со Република Албанија, но од македонска страна иницијативата е во мирување. Идејата за прогласување на Јабланица за национален парк е стара повеќе од една деценија. Познавачите на состојбата велат дека планината Јабланица поседува значајни природни вредности и многу богат биодиверзитет, повикувајќи дека треба да биде дел од заштитените подрачја во Македонија. Планинскиот масив Јабланица – Шебеник во Албанија има статус на национален парк уште од 2012 година. Доколку и од македонска страна се прогласи за национален парк, тогаш ќе се воспостави погранично заштитено подрачје. Нелегалната и дива сеча на шумите ги доведува во прашање постоењето на природните убавини и богатиот диверзитет на планината Јабланица.