Фото: МВР

Министерството за внатрешни работи соопшти дека е идентификуван и приведен 19-годишниот возач кој вчера во сообраќајна несреќа удри тригодишно девојче кое управувало велосипед, по што го напуштил местото на настанот.

Според информациите од МВР, полициски службеници од Одделението за увид на сообраќајни незгоди денеска го пронашле возилото и го утврдиле идентитетот на возачот.

„Станува збор за патничко моторно возило ‘Фолксваген Голф’ со скопски регистарски ознаки, управувано од Џ.Б. (19) од селото Добрино. Над возилото е извршен преглед и фотографирање, а со возачот е извршен службен разговор“, информираат од Министерство за внатрешни работи.

Од Министерството додаваат дека по целосното документирање на случајот против возачот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

Сообраќајната несреќа се случила вчера околу 19 часот во Визбегово, кога возилото удрило во тригодишно девојче кое се движело со велосипед.

По несреќата, детето било итно пренесено во Комплексот клиники Мајка Тереза, каде што лекарите констатирале тешки телесни повреди.

Надлежните институции продолжуваат со истрагата за утврдување на сите околности поврзани со случајот.