Фото: Емил Јовановиќ

Полицијата е фокусирана на пронаоѓање на сторителите, кои го извршиле оштетувањето на стаклото од излогот на седиштето на Здружението на граѓани „Цар Борис Трети“ во Охрид, по што ќе поднесе соодветна пријава, изјави за МИА портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

Тој посочи дека остануваат на вчерашното соопштение дека кај нив било пријавено оштетување на стаклото на седиштето на здружението, лоцирано на булеварот „Македонски Просветители“ во Охрид и оти по пронаоѓање на сторителите, против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави.

Оштетувањето на стаклото и дел од светечката реклама на клубот „Цар Борис Трети“ во Охрид, кое било направено со тврд предмет, во полицијата е пријавено вчера во 2 часот и 5 минути.

Бугарсата телевизија БНТ објави видео на кое се гледа како три маскирани лица фрлаат со тврди предмети кон излогот на клубот, кој го носи името на фашистичкиот соработник на Хитлер во текот на Втората светска војна. На ова негово второ оштетување по отворањето, вчера со осуда реагираше и бугарското Министерство за надворешни работи. Како телевизијата дошла до снимката не е познато, но самата снимка беше повод за долготрајна дебата на тема како Македонија се однесува кон Бугарите во Македонија и со анализа на новинар кој оцени дека проблемот е геополитички со цел Македонија да не влезе во ЕУ и дека затоа никој не сака да го реши спорот меѓу Македонија и Бугарија.