Запленетата дрога во кавадаречко и битолско (Фото МВР)

Полицијата заплени голема количина на марихуана од две фабрики за производство на канабис за медицински цели, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР). Оттаму информираат дека од фирма во кавадаречко била одземена марихуана во вкупна количина од 1 тон, 570 килограми и 135 грама, и тоа како финално обработен и необработен сув цвет од канабис, биомаса од канабис, суви листови и суви гранки од канабис.

Според полицијата, во сеф-собата бил пронајден сув цвет од канабис кој не бил означен и спакуван согласно законските прописи, а во останатите простории била пронајдена непријавена сува маса од канабис за кое фирмат не доставила известување до Комисијата при Министерство за здравство.

– Не била пријавена ни количината на финален сув производ, а во целиот процес на одгледување се постапувало незаконски, бидејќи иако имале законска обврска да ја известат Комисијата, тоа не го правеле за да можат произведената дрога марихуана да ја пуштат во продажба на црниот пазар, чија вредност изнесува околу 6 милиони евра и на тој начин да се стекнат со противправна имотна корист – соопшти портпаролката на МВР, Сузана Прањиќ Талевска.

Исто така, од фирма со седиште во битолско, биле одземени 300 килограми марихуана и 494 растенија канабис.

МВР поднесе две кривични пријави против сопствениците на фирмите за кои е утврдено дека се државјани на Албанија.