Службени кучиња од повеќе раси во македонската полиција / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Не секое куче може да биде „вработено“ во полиција, ниту, пак, може да одговори на работните задачи што вклучуваат потера, гонење и откривање криминалци, откривање скриена дрога и слично. Неколку раси кучиња особено се издвојуваат кога станува збор за нивниот ангажман во полицијата

Кои раси на кучиња се најдобри полициски асистенти?

Користењето кучиња во полициските сили е практика што постои уште од 1800 година, кога всушност и се откриени нивните способности да одговараат на зададени задачи и да фаќаат криминалци.
Сепак, не секое куче може да биде „вработено“ во полиција, ниту, пак, може да одговори на работните задачи што вклучуваат потера, гонење и откривање криминалци, откривање скриена дрога и слично. Неколку раси кучиња особено се издвојуваат кога станува збор за нивниот ангажман во полицијата.

Во какви сѐ облици на борба против криминалот ги среќаваме службените кучиња?

На граничните премини на аеродромите најчесто може да се забележат кучиња од расата бигл. Поради фактот што се мали и брзи, тие за краток временски период ги прегледуваат стотиците торби што ги носат патниците. Доколку намирисаат нешто невообичаено, веднаш ѝ даваат знак на полицијата, која понатаму врши претрес на сомнителното лице.
Тука не станува збор само за дрога туку и за пренесување нелегални растенија и храна. Нив ги има и на патни гранични премини каде што има голема фреквенција на патници.
Најдобрите раси за потера се белгиските овчари, питбулот и доберманот. Иако имаат различен изглед, овие раси на кучиња се кошмар за криминалците. Белгискиот овчар е многу професионален и лојален пес. Токму затоа и се користи во потери, затоа што нема да застане додека не го фатат гонетиот. Доберманите на изглед се застрашувачки. Грандиозната и мускулеста појава на доберманот е доволна причина за нивниот ангажман во полицијата. Кога тие ќе дојдат до криминалецот, истренираните добермани лесно го онеспособуваат. Дланката или раката на криминалецот е целта на доберманот. Неговата рака ќе биде во вилицата на доберманот, сѐ додека не добие поинаква наредба. Многу криминалци се обиделе да ги измамат овие кучиња со храна, меѓутоа тоа не им успеало.
Уште една раса што е одлична за потера е питбулот. Полицијата најчесто го користи во полициски патроли. Овие мали кучиња воопшто не се за потценување. Иако по анатомската структура е значително помал од белгискиот овчар и доберманот, питбулот својата горделива лојалност ја покажува со истрајност и многубројни успешни акции за заробување на криминалците.
Кога станува збор за потрага по исчезнати лица, на полицијата најчесто ѝ помагаат кучиња од расата бладхаунд. Оваа раса има исклучително развиено чувство за мирис, има неверојатни 230 милиони клетки чувствителни на мириси. Со таквото извонредно сетило не само што може да го запамети мирисот туку може да ја следи трагата на исчезнато лице повеќе од две недели од неговото исчезнување.

Куче експерт за откривање лаборатории за производство на дрога

Лабрадор ретривер е расата експерт за откривање лаборатории за производство на дрога. Тие имаат одлично сетило за мирис и добра интуиција, со што на полицијата успешно ѝ помагаат да ги улови производителите на наркотици.
Во денешницата сѐ почесто има закани од поставени бомби. За откривање на добро скриените бомби и други експлозивни направи не постои подобра раса од ротвајлерите. Кога ќе добијат наредба да ја најдат скриената бомба, тие брзо и фокусирано го вршат тоа и не дозволуваат ништо да им се испречи на патот. Поради нивната способност да пронаоѓаат бомби, ротвајлерите спасиле голем број животи, не само на полицајци туку и на цивили.
Една од најпознатите раси што се користат како соработници на полицијата и функционираат како одличен тандем со полицајците се германските овчари. Со работен век во полициските и воените сили повеќе од 100 години, оваа раса на кучиња е на врвот на листата полициски кучиња. За нивната работа во полицијата има снимено голем број филмови и телевизиски серии, а тоа не е направено тукутака. Германските овчари се силни и темпераментни кучиња, а со тоа и одлични за работа во полиција. Смирени се во стресни ситуации, високоинтелигентни, одлично истренирани и сакаат да работат. Токму затоа доста често може да се забележат на јавни настани, на аеродроми и гранични премини, па и во потрага по експлозиви и дрога.
Германските овчари секогаш ги следат своите дресери, сакаат да имаат работа и да ја завршат. Нема да прекинат да работат сѐ додека не го слушнат тоа од дресерот. Благодарение на нивната висока интелигенција, германските овчари работат најчесто на комплексни задачи. Оваа раса секогаш прва реагира кога криминалците стануваат агресивни. Тие се однесуваат заштитнички кон своите дресери и не дозволуваат ништо лошо да им се случи. Токму поради овие карактеристики, германските овчари се една од најчесто ангажираните раси.

[email protected]