Фото: Игор Бансколиев

Личноста што влегла во проституција, а повеќе не остварува заработка од најстариот занает, нема веќе високи приливи за да ги задоволи своите широки желби како при дотогашниот „живот на висока нога“. Повеќето од нив, од истите кругови на „пријатели“ земаат заеми со огромна камата и токму оттука започнува животот во должничко ропство…

Животните приказни на „елитните ескорт-дами“ завршуваат со „улична проституција“

Проституцијата не е легална, барем не кај нас на Балканот, па и пошироко. Секако, има земји каде што оваа професија е еквивалентна со сите други, меѓутоа колку и да постојат обидите истата таа да се внесе во некакви општествени рамки, таа е преполна со голем број ризици по жените што се одлучиле да работат во сексуалната индустрија. Патот на една сексуална работничка од „елитна“ до „улична“ е полн со болка, понижување, отфрленост, неразбирање, но и тешки пороци. Тој е однапред „суден пат“ по кој овие девојки се принудени да одат и екстремно се мали шансите да се оттргнат од него. Штом веќе влегле во машинеријата, тешко дека ќе излезат. Напротив, само повеќе тонат.
Што се случува со девојките што се впуштаат во „елитна проституција“, кои потоа завршуваат на улица?

НЕРЕАЛНА „ВИСТИНА“ СЕРВИРАНА НА СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ

Според познавачите на овој сегмент од криминологијата, претежно млади девојки влегуваат во таканаречената „елитна проституција“, заради забава, големи парични суми и нереална вистина што им се сервира на социјалните мрежи
– Кога ќе влезат во тој маѓепсан круг, девојката е млада, преубава, сите ја сакаат и бараат, од клиенти до макроа. Во тој момент таа одлично заработува. Поради количеството работа што ја има и парите што ги добива, таа потпаѓа под влијанието на пороците – вели Слободан Василевиќ, шеф на српското одделение за јавен ред и мир, кој многу години работи на вакви случаи.
Потоа, како што вели тој, девојката што влегла да ја работи оваа работа, работи премногу и почнува да ја губи својата убавина.
– Таа е испиена, слаба и повеќе не е толку убава и атрактивна – потенцира тој.
Луксузниот начин на живот на кој веќе навикнала почнува да ја надминува нејзината заработка, па девојката почнува сѐ повеќе да работи, и тоа за драстично помали износи.
– Потоа почнува забрзано да пропаѓа, како последица на прекумерното работење. Макрото повеќе нема заработка од неа, затоа што ниту еден клиент не ја сака, па и тој повеќе не ја нуди – раскажува експертот.
Така таа останува без работа, а не смее да излезе од тој маѓепсан круг, бидејќи должи пари и, секако, секојдневно има закани за нејзиниот живот.

ДОЛЖНИЧКО РОПСТВО

Личноста што влегла во проституција, а повеќе не остварува заработка, нема пари за да ги задоволи своите желби за пороци, па сѐ што зема го зема со огромна камата и токму оттука започнува нејзиниот живот во должничко ропство.
– Работи само за да ја врати каматата и на тој начин станува жртва во синџирот со трговија со луѓе. Доколку почне да работи сама, таа изнајмува стан и огласува оглас. Бидејќи не успева да го врати долгот, излегува на улица да работи – наведува тој.
Според зборовите на Василевиќ, кога девојката за да ги врати парите излегува на улица, каде што го нуди своето тело, тогаш навлегува во сериозни и животозагрозувачки проблеми.
Улиците се веќе поделени помеѓу макроата и сексуалните работнички. Секој си го знае својот дел и од каде до каде може да го нуди своето тело. Пресметките помеѓу макроата, но и помеѓу сексуалните работнички се доста брутални, доколку некоја од нив завлезе на терен што не е нејзин.
Бидејќи на улиците таа е нова, брзо им станува трн во око не само на другите работнички туку и на самите макроа, бидејќи новодојдената се обидува да им ги преземе клиентите на неговите сексуални работнички. Доста често се случува дури и меѓусебно девојките да се претепаат затоа што се гледаат како конкуренција и затоа што не сакаат да им се одземе работата, бидејќи новодојдената е една од најубавите, затоа што е нова и штотуку дојдена и претставува мистерија за клиентите.
– Неретко се случува овие девојки да заболат од тешки болести, а корисниците на таканаречените „елитни сексуални работнички“, никогаш не се запрашале каде исчезнале тие и што се случува со нив, затоа што ги гледаат еднаш, или евентуално неколкупати во животот – раскажува Василевиќ.
Тој истакна дека следел девојка што влегла во елитните, а завршила на улица. За неа истакна дека, по само неколку месеци, воопшто не можел да ја препознае.
Постои и друга опција за враќање на долговите, а тоа е макроата да ги користат овие девојки, откако нема да бидат атрактивни за да привлекуваат клиенти, за извршување други криминални дела, поради кои повторно заработуваат големи парични износи.
Оваа варијанта со себе носи поголема опасност затоа што постои можност животот да ѝ биде во ризик поради информациите што ги знае.


Војната ја распадна „престолнината на секс-туризмот“: Украинските сексуални работнички се плашат за своите животи

Украинските сексуални работнички, пак, стравуваат за сопствениот живот, а не можат да престанат да работат, бидејќи друга работа нема. Во ужасите што ги донесе војната се заборави на жените што работат во украинската сексуална индустрија, а кои исто така се жртви на воените судири.
Околу 53 илјади сексуални работнички од почетокот на судирот станаа една од најранливите категории во оваа земја.
Голем број од жените што го продавале своето тело почнале да стравуваат за сопствените животи. Постојано се изложени на закани и уцени, а со заработката што ја остваруваат не можат да го надминат ниту прагот на сиромаштијата.
Како што се зголемиле ризиците, голем број од сексуалните работнички се обиделе да излезат од овој бизнис, но многу од нив не издржале. Сега ги нудат истите услуги за повеќе од половина пониски цени, но и пониска побарувачка. Добиваат закани и уцени доколку бараат повеќе пари, а честопати и се измамени, така што никој не им плаќа. Дополнително се претепувани и омаловажувани.
Според раскажувањето на Људмила, која работи како сексуална работничка, сега шанса за заработка се војниците. Но сето тоа дополнително влева страв кај сексуалните работнички, бидејќи станува збор за луѓе што живеат под константен стрес, насилство и разни инциденти. Токму затоа и се плашат за сопствените животи, бидејќи се забележани голем број случаи од почетокот на војната што не завршиле добро за сексуалните работнички, односно тие биле претепани.
Украина пред војната беше позната како земја на секс-туризмот и разви институции што се грижеа за сексуалните работнички, како и за големиот број заболени од ХИВ. Откако започна војната, целата таа мрежа се распадна. Значаен број на заболени од ХИВ немаат повеќе осигурување за да ги добијат адекватните терапии, затоа што институциите како Украинскиот центар за јавно здравје ги намалија или целосно ги укинаа активностите поврзани за заштита на жените во проституцијата.
За подобро разбирање на проблемот со кој сега овие луѓе се соочуваат, треба и да се разбере неговиот обем. Вкупниот број на заболени од ХИВ изнесува 240 илјади возрасни и деца, од кои половината се жени постари од 15 години. Бројот на заразените со ХИВ драматично растеше од година на година.
Само во 2021 година, во оваа земја имало 6.700 новозаразени. Сега, повеќе од третина од вкупниот број инфицирани повеќе не добиваат помош, која пред војната им беше обезбедувана од страна на украинските институции, а повеќе не се спроведува ниту едукација за намалување на ризикот од зараза.
Четириесетина украински центри за ХИВ престанале со своето работење, а поголемиот дел од нивните објекти се оштетени од бомбардирањето.

[email protected]