Обвинителката Ивана Трајчева на рочиштето за предметот „Софтвери“ каде првообвинет е Драги Рашковски, презентираше разговори помеѓу Даниел Станчев кој е сопственик на фирмата „Инвока груп“ што го добила спорниот тендер и Ивица Димитровски, кој е професор на ФИНКИ и поранешен хонорарец во Влада.
Во комуникацијата која е изведена како доказ, преку која обвинителката Трајчева докажува дека Рашковски ја злоупотребил положбата и овластувањето со набавката на спорниот софтвер, се зборува за аукцијата, распределба на парите, објавите во јавноста.
Меѓу пораките што се читаа во судницата, се оние од 2021 година кога и јавно изби аферата за набавка на софтверите. Во комуникацијата се споделува линк од вест и се вели: „Хаос. Почнаа да копаат“.
Обвинителката Ивана Трајчева кажа дека првиот дел од комуникацијата можеби е познат на судот, бидејќи дел од неа веќе е читан, односно изведен со имиња и презимиња и со датуми.
Според обвинението, првообвинетиот не ги извршил службените должности при спроведување на четири постапки за јавна набавка за систем за биометриска идентификација, јавна набавка на софтвер за определување на просечна брзина на возила во сообраќајот и изрекување на казни, набавка на АНПР камери за препознавање на регистарски таблички за возила и јавна набавка на метални кабини за потребите на системот на биометриска идентификација и систем за автоматско препознавање на регистарски таблици.
Рашковски е обвинет за кривичните дела „злоупотреба на службена положба и овластување” и „перење пари и други приноси од казниво дело”.
Лицата И.Д., И.Х., Д.С., И.И., И.И. и М.С. се обвинети за „злоупотреба на службената положба и овластување”.
Случајот го води судијката Фанка Јанчулева Михаиловска, а застапник на обвинението е обвинителката Ивана Трајчева.