Поранешниот премиер Никола Груевски во објава на фејсбук тврди дека со денешните признанија на вина на поранешните функционери Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска и Мартин Протоѓер за случајот „Титаник“ е направен „пазар“ со Обвинителството и оти тие во таа постапка „се понижиле себеси и признале вина што не постоела“.
Според Груевски, таква вина за изборни злоупотреби кога тој беше на чело на ВМРО-ДПМНЕ и на Владата не постои, затоа што обвиненијата биле фингирани.
– Целта на власта и на јавното обвинителство е низ еден долгогодишен мачен судски процес на политички монтирани судски процеси, дел од политички таргетираните обвинети лица да бидат неправедно осудени, а дел и затворени за конструкции, за кои наместо докази се нудат претпоставки, незаконски обезбедени таканаречени докази или уценети сведоци. Исто така, цел е дел од таргетираните неправедно обвинети, доведени до агонија од долгите и исцрпувачки судски процеси, некои од нив претрупани и со голем број конструирани судски предмети, од кои со години не можат нормално да функционираат, по долгогодишна борба и докажување на правдата, низ еден процес на нудење „пазар“ од страна на обвинителството да бидат приклештени на правење штета на себе и потенцијално на други, а верувајки дека со тоа ќе одбегнат поголема штета, да се понижат и да се принудат самите да си признаат вина која ја немаат – напиша Груевски.