Во текстот што следува издвојуваме интересни приказни за јужноамериканските кралици на дрогата, кои станале познати како „криминалци од највисок ранг“, барани како бегалци со меѓународни потерници за извршени брутални кривични дела… Некои од нив биле сопруги или блиски членови на семејствата на некои од озлогласените ликови од криминалното подземје, а некои од нив „самоникнале на улица во криминалното опкружување“ и како жени се избориле за свое место во „претежно машкиот свет на криминалот“…

Полициските хроники од светот преплавени со ликовите и делата на јужноамериканските „кралици на криминалот“

Сопругата на мексиканскиот шверцер на дрога Хоакин Гузман, повеќе познат како Ел Чапо, Ема Коронел Аиспуро, за која неодамна пишувавме, не е единствената жена, поточно сопруга што е замешана во наркокартелите како животен сопатник на познат криминалец. Во криминалната пракса и историја се евидентирани неколку познати жени, ќерки, сестри и роднини што од медиумите спектакуларно се прогласувани за наркокралици поради нивното активно учество во наркокартелите.
Во продолжение издвојуваме интересни приказни за јужноамериканските кралици на дрогата што станале познати како сопруги или блиски членови на семејствата на некои од озлогласените ликови од криминалното подземје, но пред сѐ како жени што се избориле за свое место во „претежно машкиот свет на криминалот“.

Сандра Авила Белтран, кралица на Пацификот

Наркокралицата на Пацификот, Сандра Авила Белтран, е толку легендарна што за неа е напишана песна. „Колку е поубава розата, толку се поостри нејзините трња“, гласи репликата на песната од 2004 година. Таа е родена и целиот свој живот живее во криминал, заедно со целото нејзино семејство. Нејзините родители, баба и дедо, сите биле вклучени во шверц на дрога.
Сандра го добила својот прекар откако во 2001 година организирала транспорт на десет тони кокаин на чамци што пренесувале туна од Мексико до Калифорнија. Властите го конфискувале кокаинот, а Сандра мистериозно исчезнала.
Се омажила двапати – за двајца полицајци што им се придружиле на картелите, и двајцата биле убиени во мексиканските војни со дрога.

Џесика Осегуера алиас Ла Негра

Џесика Осегуера е ќерка на непријателот на Ел Чапо, Осегуера Сервантес, познат и како Ел Менчо. Еден ден откако сопругата на Чапо се појави на суд, Џесика, позната како Ла Негра, доби затворска казна од две и пол години затоа што му помагала на својот татко да пере пари преку разни бизниси, вклучувајќи и суши-ресторани, одморалиште и компании за текила.
Ел Менчо, кој е на листата на најбарани трговци со луѓе, го предводи картелот Халиско од новата генерација во Мексико. Овој брутален картел вклучува група од 5.000 атентатори, чиј „заштитен знак“ е обезглавување на непријателите и растворање на нивните тела во киселина.
Џесика, која е мајка на две деца, тврдела дека не била вклучена во продавањето дрога, па дури и испратила писмо до судијата: „Се каам за сѐ што направив што нанесе штета“.

Валеска Переира Монтеиро, Нејзиното Височество

Бразилката Валеска Переира Монтеиро (27) беше уапсена во септември додека уживала на одмор. Таа е обвинета дека ги контролирала финансиите на една голема криминална организација од Сеара. Таа го добила прекарот Нејзиното Височество затоа што ги трошела своите „крвави пари“ на раскошни патувања и луксузен начин на живот. Ова не е првпат таа да биде фатена од полицијата. Во 2014 година, таа беше фатена како води банда што ограбувала куќи и други имоти во Форталеза.
Потоа беше уапсена минатата година поради водење сметководство за криминална банда во Рио де Жанеиро и беше принудена да носи електронска направа за следење околу ногата, која ја скина во април и стана бегалка.

Марија Гвадалупе Лопез Ескивел, Ла Катрина или Дамата на Смртта

Кога имала само 21 година, Марија Гвадалупе Лопез Ескивел, позната и како Ла Катрина или Дамата на Смртта, била убиена во пресметка со полицијата.
Марија потекнува од просечно мексиканско семејство, нејзиниот татко бил сточар, а мајка ѝ домаќинка, а дури била и добра ученичка додека не почнала да се дружи со локалните мафијаши. Во еден момент таа целосно го загубила интересот за учење, а забавата, криминалот и наркотиците станале нејзина преокупација.
Нејзина муза во животот ѝ била главната јунакиња од романот на Артур Перез Реверте – „Кралица на југот“.
Таа била на чело на Картел де Халиско нуева генератион (Cártel de Jalisco Nueva Generación – ЦЈНГ) од мексиканската покраина Халиско, кој некогаш бил дел од моќниот картел Синалоа. Овој картел е толку моќен и добро организиран, што дури имаат специјално опремени простории во кои членовите можат да научат како сами да прават пушки и пиштоли.
Во 2017 година, таа станала дел од картелот ЦЈНГ, а набргу почнал и вртоглавиот успех на оваа криминална група, благодарение на нејзината бруталност и умешност.
Речиси и да нема фотографии на кои таа позира без оружје, а Марија командувала и во одредот на убијци во картелот.
Таа и неколку члена на нејзиниот одред на смртта во 2020 година се судрија со безбедносните сили во градот Ла Воканда во централната мексиканска држава Мичоакан. Ла Катрина беше убиена, а шестмина напаѓачи беа уапсени откако отворија оган врз војската и полицијата.

Луз Ајрене Фајардо Кампос, Големиот Шеф

Луз Ајрене Фајардо Кампос водеше меѓународен синџир за шверц на дрога со помош на нејзините два сина. Таа користела два псевдонима – La Comadre и La Madrina, кои го всушност значат „големиот шеф“. Меѓутоа, за разлика од некои нејзини колеги, таа не е родена во семејство на наркобосови. Напротив, таа имала мошне идилично детство во Мексико, а сè се променило кога била тинејџерка кога трговците со дрога се преселиле во областа.
Таа влегла во бизнисот со дрога продавајќи ја на улиците на Калифорнија, што довело до нејзина депортација назад во Мексико во 1990-тите. Таму ја започнала својата тридецениска кариера, а се зборуваше и дека тесно соработува со синовите на Ел Чапо.
Ла Дона испраќала 30 килограми кокаин неделно во САД, а исто така ангажирала пилоти и купила авиони за транспорт на дрогата пред да биде уапсена.
Набргу откако била заробена, нејзините два сина биле убиени, а нивните распарчени и изгорени тела биле оставени во возилото. Тоа беше строго предупредување до неа да не соработува со истражителите. Ајрин беше осудена на 22 години затвор за трговија со дрога, а нејзиното ментално здравје, наводно, брзо се влошило додека била зад решетки.