Припадници на Министерството за внатрешни работи на Србија, Секторот за вонредни состојби и хеликоптерската единица денеска беа употребени во гаснењето на пожарите кај Рашка и Прохор Пчински, како и во источниот дел на Македонија, кај Свети Николе, јави дописникот на МИА од Белград.
– Хеликоптерот „Супер Пума“ на Хеликоптерската единица на МВР на Србија, испратен за содејство со припадниците на Секторот за вонредни состојби во гаснењето пожар на планината Козјак, кај манастирот Прохор Пчински го заврши својот ангажман на споменатата локација. Извршени се вкупно девет налети и фрлени се 27 тони вода на опожарената површина – соопшти српското МВР.
Во него се додава дека на гаснењето пожар на исклучително непристапен терен на Козјак биле ангажирани 54 пожарникари и спасувачи со 17 возила од противпожарните и спасувачките единици на Врање, Белград, Ниш, Лесковац, Крушевац, Смедерево, Панчево, Јагодина, Крагуевац и Пирот, како и двајца припадници на Управата за противпожарна и спасувачка единица. Како помош на пожарникарите – спасувачи биле ангажирани четворица припадници на доброволните противпожарни единици со едно возило.
– Хеликоптерот на МВР на Р. Србија, „Агуста Бел 212“ со пет припадници на хеликоптерската единица и припадник на Секторот за вонредни состојби, што врз основа на официјалното барање на Центарот за управување со кризи на Владата на Северна Македонија, е испратен во Северна Македонија за да пружи помош во гаснењето на пожарот, делува на подрачјето на населбата Долно Ѓуѓанци, во близина на градот Свети Николе. По извршени 12 налети при што на опожарената површина биле фрлени 12 тони вода, пожарот бил локализиран на наведената локација. Хеликоптерот на МВР на Србија утре ќе придолжи да дејствува на истата локација – се наведува во соопштенеито на српското МВР.