По поднесено обвинение од Основното јавно обвинителство Кочани, а по признание на вина, Основниот суд во Кочани донесе осудителна пресуда за едно лице за кривично дело – убиство извршено при родово базирано насилство и на свиреп начин, при што за сторителот е изречена казна – доживотен затвор.
Обвинетиот, на 25 септември минатата година на свиреп начин усмрти жена, нанесувајќи ѝ многубројни убоди со нож.
– По претходна меѓусебна расправија, средовечен маж физички нападнал 46-годишна жена, при што ѝ нанел смртни убоди од кои таа починала. Убиството се случило пред куќата во која живеела жената, во моментот додека се подготвувала да оди на работа – беше соопштено од надлежните по убиството.
Во обвинението, Основното јавно обвинителство Кочани го товареше обвинетиот и за кривично дело – уцена кон истата оштетена, сторено пред убиството. Меѓутоа тоа дело обвинетиот не го призна, постапката е раздвоена и за тој дел од обвинението ќе продолжи судска постапка.