Барајќи ослободување од притвор на својот татко, синот на притворениот Т.Ѓ., поддржан од стотина битолчани на денешниот протест во Битола, со доста емоции ги искажа страдањата на неговото семејство од убиениот С.С.

Т.Ѓ. (62) во претсобјето од неговата куќа со пиштол пукал и го погодил С.С. (44) кој починал на местото, откако, според пријавеното, С.С. претходно, со употреба на сила, влегол во куќата на Т.Ѓ. и со остар предмет се заканувал на ќерката на Т.Ѓ., која е негова поранешна сопруга, како што соопшти МВР.

– Сега убиениот, кој официјално не беше во брак со мојата сестра, цели 20 години нѐ малтретираше и се иживуваше над нас. Јас во критичниот момент бев во кујната до татко ми, кога С.С. ја скрши надворешната врата од куќата и со ножот ни се нафрли. Кога се доближи до нас, татко ми го извади пиштолот кој легално го поседуваше, и го уби. Ако татко ми не го убиеше него, тој сигурно ке нѐ убиеше нас – тврди синот на притворениот, додавајќи дека неговото семејство и претходно имало слични инциденти со С.С.

Пријатно изненаден од поддршката на сограѓаните, тој изјави дека битолчани немаше да дојдат на протестот доколку татко му беше убиец. Исто така, додаде дека татко му
нема намера да бега, бидејќи, како што вели, убиството го направил во нужна самоодбрана. М.М.