Косовската полиција уапси четворица осомничени за пукањето во ресторан во Приштина во кое беа повредени 20 лица, а едно од нив почина како последица на повредите
Се разоткрива мистеријата околу неодамнешната крвава престрелка во Приштина
Основното обвинителство во Приштина соопшти дека во соработка со косовската полиција се работи на идентификација на сите лица што учествувале во престрелката што се случи во кафуле во тој град, со цел целосно расветлување на случајот, наведувајќи дека едно лице е во бегство, а сите осомничени имаат криминално минато.
Основното обвинителство во Приштина било известено од косовската полиција дека имало пукање во улицата Реџеп Лучи, односно во кафеаната „Бон вивант“. По добиената информација, обвинителот заедно со надлежните единици на косовската полиција утврди дека во престрелката има повредени, се наведува во соопштението.
Обвинителството потврди дека седум лица се ранети од огнено оружје, од кои едното починало во Универзитетскиот клинички центар во Приштина. Уште 13 лица добиле физички повреди од гребаници или други средства и сите побарале лекарска помош, се наведува понатаму во соопштението.
Обвинителот го окарактеризира случајот како „тешко убиство“, а осомничените се товарат за „неовластено држење или поседување оружје“ и „учество во тепачка“.
Главен осомничен за вмешаност во пукањето во приштинско кафуле „Бон вивант“, во кое неколку лица беа повредени, а едно од нив почина од повредите, е Албанецот Дукаѓин Николај, познат по прекарот Војвода, кој успеал да побегне од местото на настанот и е еден од најбараните криминалци на листата на ФБИ, пренесуваат регионалните медиуми.
Освен што е осомничен дека е вмешан во пукањето во Приштина, тој има криминално минато во Соединетите Американски Држави и еден од најбараните Албанци на списокот на ФБИ.
Според ФБИ, Николај е осомничен дека е вмешан во купување големи количества марихуана од Канада и нивна дистрибуција во областа на Њујорк. Се наведува дека е член на криминалната „Организација Красниќи“ и е осомничен за трговија со дрога и убиство.
По него во мај 2010 година беше распишана потерница поради пуштање во промет наркотични дроги. Се вели дека тој контролирал синџир на дрога од 2003 до 2007 година.
На некои фотографии Војводата може да се види во друштво на 39-годишен маж, Кастриот Рамадани, кој починал како резултат на повредите добиени при пукањето во кафулето.
За потсетување, неодамна по општа тепачка и пукање што се случила во кафулето „Бон вивант“ во Приштина, Дукаѓин успеал да побегне од местото на настанот и по него сѐ уште се трага. Косовската полиција набргу уапси четворица осомничени, меѓу кои и Анди Пајазити, познат како Италијанецот, кој е повреден и се наоѓа на лекување во болница. Ц.Х.