Илустрација/Фото: Маја Јаневска-Илиева

Употребата на експлозиви како нелегален и исклучително девастирачки метод на риболов, поточно рибокрадство, е растечки тренд. Поттикнати од побарувањата на пазарот за риба, бескрупулозните актери во синџирот на набавка се решаваат на прогресивно исцрпување на рибниот фонд на сите можни нелегални начини, а еден од нив што прави невидена и ненадоместлива штета на рибниот фонд и водната околина е користењето минско-експлозивни средства

Со експлозиви криминално се заловуваат и уништуваат стотици килограми риба

Како и во секое поле на дејствување, така и во рибокрадството, криминалците постојано ги усовршуваат методите за на полесен и побрз начин да заловат што е можно повеќе риба, која ќе им донесе илегална заработка. И без усовршување на методите, пустошењето на рибните фондови во водите низ Европа претставува огромен проблем и предизвик за локалните власти, а сега, откако се откриени нови брутални, но експресни методи за рибокрадство, дополнително се пустошат водните базени (езера, реки…), причинувајќи им непоправлива штета на целокупната природа и на синџирот на исхрана во светот.

БРЗОРАСТЕЧКИ ТРЕНД КАЈ РИБОКРАДЦИТЕ

Рибокрадците на големо почнаа да употребуваат експлозиви во илегалното ловење риба. На тој начин најлесно и најбрзо успеваат да соберат огромни количества риба, која потоа преку шверц и на црниот пазар ја препродаваат за големи суми пари.
Оваа констатација ја презентира со низа докази и анализи Интерпол.
Факт е дека осиромашувањето на рибните резерви има штетно влијание врз биолошката разновидност и синџирот на исхрана во светот. Според еколошките и поморските безбедносни тимови на Интерпол, кои координираа петмесечна операција предводена од разузнавањето (јуни-октомври 2021 година), која опфаќа 34 земји и сите „седум мориња“, намалувањето на рибниот фонд во водите директно влијае на зголемувањето и порастот на рибокрадството.
Како што информираат од Интерпол, само за еден месец од операцијата „Икатере“ биле реализирани вкупно 1.710 инспекции, во кои полицијата открила над 100 случаи на рибокрадство и други кривични дела. Веќе се издадени повеќе од 40 налози за апсење, додека многу истраги остануваат во тек.
Во целиот свет, во рамките на акцијата, беа запленети речиси еден тон недозволени производи, вклучувајќи и заштитени видови риби и диви животни, дрога и експлозиви. Органите на редот само во Црна Гора открија повеќе од 20 цилиндри со експлозив за време на операцијата.
– Употребата на експлозиви како нелегален метод на риболов е растечки тренд меѓу бескрупулозните актери во индустријата, бидејќи прогресивното исцрпување на рибниот фонд ги присилува рибокрадците да одржуваат стапка на улов по секоја цена – рече Илана де Вајлд, директорка за организиран и појавен криминал на Интерпол.
Според неа, употребата на експлозиви ја зајакнува циркулацијата на експлозиви што може да се користат од криминални или терористички групи.
– Утврдено е дека создавачите на бомби зад терористичките напади во последниве години, исто така, обезбедуваат експлозиви за илегалната рибарска индустрија – истакна таа.

Нелегален, непријавен и нерегулиран риболов

Нелегалниот, непријавен и нерегулиран (НННР) риболов е една од најголемите закани за одржливото користење на морските ресурси и е една од целите за одржлив развој на Обединетите нации (ОН). Секоја година, ННН-риболовот ја чини глобалната економија милијарди долари.
Според Организацијата за храна и земјоделство на ОН, се проценува дека 20 отсто од вкупниот улов во светот потекнува од ННН-риболов и количеството се зголемува до 40 отсто во одредени региони, како што се крајбрежните води на некои земји во развој.
– Криминалците користат рибарски бродови за шверц на дрога и луѓе, бидејќи нивните номадски навигациски обрасци и долги периоди на море им овозможуваат на овие бродови лесно да се вклопат во поморската заднина без сомневање. Криминалните мрежи, исто така, ги користат приходите од нелегалниот комерцијален риболов за финансирање други недозволени активности – информираат оттаму.

ТРАДИЦИОНАЛНОТО РИБОКРАДСТВО СЀ УШТЕ ДОМИНИРА ВО ЗЕМЈАВА, НО ПУКААТ И БОМБИ

И покрај тоа што рибокрадците не мируваат и насекаде во светот наоѓаат инвентивни начини за да заловат што е можно поголемо количество риба, сепак малите водни површини што ги има земјава некако како да ги спречуваат домашните рибокрадци да употребуваат многу често експлозиви, бидејќи лесно ќе бидат слушнати, лоцирани и фатени од страна на полицијата. Но тоа не значи дека нема употреба на минско-експлозивни средства. Напротив. Употребата на индустриски динамит, бомби и други видови импровизирани експлозивни направи е факт, како што е констатиран фактот дека е огромна штетата по рибниот свет во водите во земјава, особено во водите на Охридско Езеро, кое е едно од најголемите езера, но е и најбогато со рибен свет. Од албанската страна, покрај езеро, од двете страни на Охридско Езеро (и од страната на Св. Наум и од страната на с. Радожда) секојдневно се слушаат детонации, како што информираат локалните жители. Овдешниот рибен фонд секоја година трпи неверојатно огромни загуби поради немилосрдното ловење на пастрмката, особено за време на мрестот, токму во овој период и во јануари, кога таа е полна со икри и млеч.
Дури и слободните нуркачи и активисти за заштита на рибниот фонд самостојно се обидуваат да ги ослободат рибите што беспомошно лежат фатени во фрлените рибарски мрежи додека се во време на мрест. И нивните активности се за огромен поздрав, но, сепак, тие не се доволни за да се спаси рибниот свет од лакомите раце на рибокрадците, бидејќи тие не можат физички да ги отстранат фрлените мрежи колку што криминалците можат да ги фрлат во огромни броеви.
Се чини дека се залудни многубројните акции на полицијата, бидејќи рибокрадците воопшто не се исплашени од нив. Кражба на риба има многу често, а за жал и во голем број.
Штетата, за жал, никој не може ниту да ја претпостави ниту да ја замисли, бидејќи, да бидеме реални, којзнае колку риби завршиле фатени во мрежите и којзнае колку од нив биле шверцувани од Албанија, колку од нив завршиле на домашниот пазар, а колку завршиле во приватни нелегални мрестилишта.