Фото: Илустрација/Маја Јаневска-Илиева

Нов вид измама се шири на социјалните мрежи, а е поврзана со подигнувањето брзи кредити со користење туѓ идентитет. Минатата година 43 лица зеле брзи кредити на туѓо име. Најтешкиот дел е да се обезбедат личните податоци, потоа за измамниците постапката оди многу лесно. За да се земе брз кредит, не мора тоа да се направи лично, може телефонски, а може и онлајн преку интернет. Сѐ што е потребно е број на
лична карта, матичен број и број на здравствена легитимација. Потоа, за десетина минути, парите легнуваат на сметката на измамниците, а измамените само по еден месец завршуваат шокирани, бидејќи се носители на долг во некое финансиско друштво за пари што никогаш не ги виделе, а камоли потрошиле

Сѐ поголема е бројката на измамени граѓани од страна на измамници што во нивно име зеле брзи кредити од финансиските друштва. Социјалните мрежи се преполни со поплаки од оштетени поединци, а изминатиот период, најчесто на Фејсбук, се објавуваа и апели да не се споделуваат лични документи со непознати лица, кои потоа си земаат брзи кредити.

Оштетени граѓани вчудовидени од дрскоста на измамниците

Социјалните мрежи се преполни со измамници што на секој начин ќе се обидат да ве измамат за да дојдат до вашите лични податоци. Независно дали станува збор за повик за донација, за наводно вработување, наградна игра или нешто друго, измамниците се буквално насекаде, затскриени зад лажни профили и чекаат да ја „зграпчат“ својата жртва.
Голем број сведоштва на измамени велат дека измамниците најчесто се скриени зад „женски профили“ на социјалните мрежи, од каде што испраќаат пораки и бараат да донираат парични средства за некој за кого веќе се собираат донации, но не сакаат да уплатат директно за лицето на кое му е потребно, туку преку поединци што споделиле за собирањето пари или, пак, блиски роднини и пријатели на барателот на донации.
Голем број и наседнале на наводно „добрата волја“ на ваквите измамници, па со нив споделиле и лични карти и број на здравствени легитимации, само за да помогнат, а всушност се заплеткале во пајакова мрежа од која многу тешко се наоѓа излез.
Најтешкиот дел е да се обезбедат личните податоци, потоа постапката оди многу лесно. За да се земе брз кредит, нема потреба лицето да оди лично, аплицирањето може да се направи телефонски, а и онлајн преку интернет. Сѐ што е потребно е број на лична карта, матичен број и број на здравствена легитимација. Потоа, за десетина минути, парите легнуваат на сметката на измамниците, а измамените по некое време добиваат информација дека се носители на долг во некое финансиско друштво за пари што никогаш не ги виделе, а камоли потрошиле.
Граѓаните се исплашени, бидејќи велат дека за нив не се закана само измамите, тука и случаите кога може да се изгуби лична карта, потоа некој намерно да ги украде личните документи… Сето тоа се случаи кога некој неовластен може да дојде до личните податоци на некого од нас, а потоа да ги злоупотреби на лесно достапен начин.
– На моја роднина ѝ се случи да го изгуби паричникот. Го најде во близина на местото каде што го изгуби, без пари и без лична карта. Веднаш пријавивме дека личната карта е изгубена, но и покрај тоа, кај нас процедурата е долга, системот не е толку ажурен, па роднината заврши со брз кредит на нејзино име, но, за среќа, за сума од само десет илјади денари, која можеше самата да ја врати. Проблемот кај нас е во тоа што за изгубена лична карта мора да се пријави во „Службен весник“, па додека да се поднесе барање за нова, додека да се поништи старата, сето тоа трае и оди во прилог на криминалците. Да е системот поинаков, на пример пријавувам дека сум ја изгубила личната карта, истата таа лична карта се поништува во системот, станува неважечка и оној што ќе се обиде да ја користи, автоматски ќе биде фатен од страна на властите. Толку би била едноставна процедурата, но кај нас работите се сосема поинакви и којзнае дали сето ова е изводливо во скоро време – вели Наде Трајковска, жителка на Усје.

ЛАНИ ЕВИДЕНТИРАНИ 43 СЛУЧАИ

Оваа тема стана актуелна откога во земјава се отворија многубројните финансиски друштва што даваат брзи кредити, а кои никнуваат на секој агол. Сепак, според надлежните, бројот на измами и измамени граѓани особено почна да се зголемува минатата година, а еве продолжува и годинава.
Од Министерството за внатрешни работи велат дека имаат евидентирано случаи за ваков вид измами во земјава и дека се следи и анализира ситуацијата за да се избегнат можните последици во иднина.
Во 2022 година се евидентирани 43 случаи на измами со брзи кредити, во врска со кои по преземени мерки и активности до надлежните ОЈО, поднесени се 16 кривични пријави и 24 писмени известувања, при што во рамките на расветлените случаи се пријавени 24 сторители, а поднесено е и едно известување до оштетено лице за поднесување приватна тужба против откриен сторител.
Оттаму порачуваат граѓаните да бидат особено внимателни со споделувањето лични информации со непознати лица, бидејќи денес можностите за нивна злоупотреба се многу големи.

[email protected]