Војните завршуваат со мировни преговори, а не со офанзиви на оклопни орудија

Во раните години на 21 век, извесен број воени планери веќе размислуваа за нешто што дотогаш се сметаше за незамисливо – дека тенковите станале застарени и дека треба да бидат исфрлени од употреба. Беспилотните летала, сајбер-алатките и другите технологии што се појавуваат се сметаа за оружје на иднината. Не толку одамна, во 2020 година, некои началници на одбраната дури мислеа дека Британија треба целосно да ги елиминира своите тенкови.
Но, како што изгрева 2023 година, и кога Украина размислува за клучна пролетна офанзива против Русија, која може да се покаже одлучувачка во нејзината борба за опстанок, Киев се подготвува уште еднаш да се сврти кон традиционалната копнена армиска опрема на војување од 20 век. Украинските воени началници сакаат стотици западни тенкови за следната фаза од војната, очајни да се спротивстават на силите на Москва и да ги пробијат линиите на фронтот во области како Луганск и регионот Запорожје.

Западните сојузници повторно ветуваат воена помош

На состанокот на НАТО во Рамштајн, Соединетите Американски Држави најавија нов пакет воена помош во вредност од 2,5 милијарди долари, а преостанатите членки ќе испратат и цела палета вооружени системи во Украина. Според најавите, станува збор за артилерија, системи за борба против цели и во воздух и на копно, оклопни транспортери – но од тенковите, само Велика Британија ќе испрати 14 тенка од типот „челинџер 2“.
Киев тврди дека неколкуте возила испорачани од западните сојузници досега мора да бидат само почеток и се залага за 200-300 тенка и 600 пешадиски оклопни возила, како и 500 хаубици. Украинската армија веќе користи тенкови од советската ера донирани од источноевропските сојузници или заробени на фронтот.
– Мобилноста е клучна во офанзивната војна. Ако Украина има какви било шанси да тргне во офанзива, потребна ѝ е одредена мобилност со тешки оружја – не е доволно само да има воени лендровери или оклопни патролни возила. Ним им треба нешто што всушност може да ги уништи руските тенкови на далечина – вели дипломат од една земја на ЕУ што размислува да донира голем број модерни борбени тенкови.
Рамната територија на Украина ја прави идеално сценарио за тенкови во движење, според експертите, а на Киев му требаат тенкови за повторно да ги заземе утврдените позиции во клучните градови на линијата на фронтот.
Украинските власти стравуваат дека повеќекратните ракетни системи „химарс“, произведени од САД, кои ги ракетираа руските сили за време на контраофанзивните операции минатата есен, овој пат ќе се покажат помалку ефикасни, затоа што нивниот непријател се оддалечи подалеку за да избегне да биде погоден – правејќи ги тенковите попотребни од порано.
Разговорите меѓу сојузниците на НАТО се интензивираа по објавата на Франција дека ќе му подари лесни борбени тенкови „AMX-10 RC“ на Киев за два месеца. Велика Британија минатиот викенд ги потврди плановите да испрати тенкови „челинџер 2“ од британско производство во Украина. Земјите-членки на ЕУ од регионите на Балтикот и Централна Европа се надеваат дека серија индивидуални ветувања ќе извршат притисок врз Германија да им дозволи на другите нации да извезуваат тенкови „леопард 2“ од германско производство во Украина.
Сепак, украинските власти се свесни за значителните разлики меѓу моделите што може да ги добијат од Запад. Тенковите „М1 абрамс“ произведени во САД имаат долг дострел, но за нив претставува тешкотија полнењето гориво во Украина, разурната од војна, бидејќи нивните големи мотори со гасна турбина трошат големи количества керозин. И додека британскиот модел „челинџер 2“ би бил значително подобрување во однос на тенковите од советската ера што моментално ги користат украинските сили, тие не се ривал за германскиот „леопард 2“, кој може да погоди цел со големина на фрижидер на растојание од три километри додека е во движење. Тие работат на дизел, гориво што сепак полесно се добива отколку керозин.
Германските власти тврдат дека конечната одлука за испраќање тенкови „леопард 2“ во голема мера ќе зависи од тоа што ќе одлучат САД да направат и инсистираат на тоа дека на сојузниците им треба соодветен план за обука на украинските сили за нивното работење и одржување. Ова би се покажало полесно доколку би биле вклучени повеќе земји. Полска и Финска изразија подготвеност да испратат тенкови „леопард 2“, но мора да чекаат зелено светло од Германија. Хелсинки минатата недела јасно стави до знаење дека може да испрати мало количество доколку другите земји се согласат на колективен пристап. Берлин, исто така, би можел да донира голем број постари тенкови „леопард 1“, кои првпат влегоа во употреба во 1965 година, но во моментов се во складиште.

Воените јастреби ја туркаат идејата дека за пресврт се потребни модерни тенкови, миротворците засега тивки

Досега Украина главно се потпираше на тенковите „Т-72“ од советско време. Но за пресврт на боиштата ѝ е потребно помодерно оружје. Владата во Киев затоа веќе подолго време бара меѓународна испорака на борбени тенкови, а од Германија посебно тенковите „леопард 2“. Овој модел е технички посупериорен од руските тенкови.
Украина од самиот почеток во целост е зависна од западното вооружување. Германија, додуша, веќе испорача мобилни хаубици и оклопни возила „гепард“ и „мардер“, но сѐ уште се двоуми за испораката и издавањето дозвола на другите земји за испорака на „леопард 2“, повикувајќи се на сѐ уште недоволно цврстиот став на НАТО-партнерите за ова прашање.
Но зошто токму „леопард“ е толку пожелен? Овој околу 60 тони тежок и 10 метри долг тенк се смета за еден од најдобрите и најмодерни борбени тенкови во светот: моменталната верзија на главниот борбен тенк „леопард 2 А7“ се испорачува од 2014 година. Германската фирма „Краус-Мафај Вегман“ испорачала над 3.500 тенка „леопард 2“ од почетокот на производството во 1978 година.
Неговото главно вооружување е топ со таканаречена мазна цевка од 120 милиметри. Неговата најголема борбена оддалеченост е 5.000 метри и во состојба е да отвора оган како во мирување така и во движење. Според Бундесверот, предностите на овој тенк се во комбинацијата на огнена моќ, оклопна заштита и придвижливост. Достигнува брзина до 70 километри на час, а го придвижува релативно економичен мотор што користи дизел.
И токму способноста за отворање оган во движење, па дури и наназад, е она што го прави „леопард““, но и другите модерни тенкови, како американскиот „абрамс“ или францускиот „леклер“, супериорен. „Овие тенкови можат да отвораат оган и додека се движат со полна брзина. Тоа руските тенкови, како на пример ’Т90’, не го можат“, вели Ралф Ратс, специјалист за воена историја и директор на германскиот музеј на тенкови. Освен тоа, како што вели тој, „Леопард“ е безбеден и лесен за одржување. Освен Германија, моментално го користат уште најмалку 14 нации во различни приспособени варијанти.
Зошто сега сите очи се вперени кон Берлин? На нови нарачки, како што порачаа во „Краус Мафај Вегман“, и онака се чека со години. Според тврдењата на фирмата „Рајнметал“, која исто така учествува во производството на тенковите, дури и повторното оспособување на употребените „леопарди“ трае и до една година. Се поставува и прашањето колку „леопарди“ поседува воопшто Бундесверот. Некои статистики зборуваат за 220, но дури и новиот министер за одбрана Борис Писториус, веднаш по преземањето на должноста минатата недела, прво наложи да му се достават точен попис и расположливост на бараните тенкови. Според некои стари пописи, Бундесверот во моментов би можел веднаш да препушти 19 тенка, кои инаку служат за обука.
Но ни земјите што ги поседуваат не смеат да ѝ ги препуштат своите „леопарди“ на Украина. Според германските закони, имено и за земјите што веќе поседуваат вакви тенкови и сакаат да ѝ ги препуштат на Украина, за проследување во трети земји е потребна дозвола од Берлин. А, германската влада се двоуми токму околу ова прашање, на неразбирање од Полска и од Финска, кои сакаат да им ги препуштат своите тенкови на Украинците.

Американците воздржани, можеби веќе ја имаат на ум „зелената маса“?

Од своја страна, и САД, според повеќе медиуми, подготвуваат нови големи испораки на тешко оружје за Украина. Информативниот портал „Политико“, повикувајќи се на добро упатени извори, јавува дека САД меѓу другото размислуваат за испраќање оклопни возила од типот „страјкер“, кои се користат и за извидување и за транспорт и даваат поголема заштита од напади. Во моментов сепак не се очекува САД да одобрат испорака на борбени тенкови од типот „абрамс“, се вели во истиот извештај. Но токму испораката на тие тенкови, германскиот канцелар Олаф Шолц, според информации на весникот „Зиддојче цајтунг“ во разговор со американскиот претседател Џо Бајден, ја поставил како клучен предуслов за испорака на тенковите „леопард 2“ од Германија во Украина.
Причина за американската воздржаност биле комплицираното одржување и обуката за ракување со тенковите. За тоа првично немаше официјална потврда. Портпаролот на американското министерство за надворешни работи Нед Прајс за американска телевизија изјави: „Ние не сакаме на нашите украински партнери да им натовариме системи што не умеат да ги користат; системи што не умеат да ги поправаат, системи што не можат да ги надградуваат“. Тој објасни дека на украинската војска сакаат да ѝ стават на располагање опрема што ефективно ќе може да ја употреби на военото поле. Таквата процена ја дели и Макс Бергман од центарот за стратегиски и меѓународни студии ЦСИС од Вашингтон.
Оклопните возила „абрамс“ се сосема различни од германските тенкови. За нив се потребни друг тип на одржување и друго гориво. Тие, логистички погледнато, се кошмар, бидејќи се премногу тешки. „Германските воени оклопни возила се многу посоодветни за тоа што ѝ претстои на украинската армија“, оценува Бергман.
Што се однесува до тоа Германија да биде покриена во случај на испорака на тенковите „леопард 2“, Бергман смета дека е сосема доволно САД да ги испорачаат возилата „страјкер“, како и најавата дека Велика Британија ќе испорача тенкови од типот „челинџер“.
Експертот на ЦСИС вели дека севкупно придонесот на Германија во однос на Украина се цени. Германската загриженост дека испораката на германски тенкови во Украина би можела да доведе до ескалација, експертот за Европа на ЦСИС, Бергман, ја смета за претерана. А во Вашингтон расте и нетрпението, но во која насока, кон ескалација или деескалација, сѐ уште не е јасно докрај. Судејќи според ставот за тенковите „абрамс“, можеби деескалацијата е поблиската опција…

Подготвил: Mарјан Велевски