Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов преку видео изјава соопшти дека заедно со Главниот штаб за управување со кризи рано утрово одржале брифинг со домашните и странските пилоти кој учествуваат во гаснењето на пожарите. Информира и за состојбата со пожарите.
-Рано утрово во 5 часот се одржа брифинг со домашните и странските пилоти кој учествуваат во гаснењето на пожарите. Рано утрово полета големиот српски хеликоптер со пет тони вода кон пожарот во Радовиш и слободно можам да кажам дека овој пожар во непосредна близина на Радовиш и селото Штурово веќе е ставен под целосна контрола. На територијата на Општина Чашка кај селата Горно и Долно Јаболчиште дејствува еден црногорски хеликоптер и еден полициски хеликоптер. На територијата на Општина Росоман кај селото Сирково дејствува еден полициски хеликоптер и трите „ер трактори“ на ДЗС. На нив во секој момент треба да се приклучи хрватски „канадер“, кој покажа одредени слабости и истите треба да бидат отстранети во секој момент. Кај Лисец ќе дејствува романскиот „спартак“ кој ќе фрли пет тонски водни бомби – вели Ангелов.
Потенцира дека дел од екипажот на леталата се чувствува преморено и поради строгите воздухопловни правила не можеле да полетуваат утрово. Соопшти дека попладнето ќе имаат на располагање дополнителни сили.
Ангелов информира дека на вчерашната седница одржана во Неготино, на која присуствувале и градоначалниците од зафатените региони со пожари, бил донесен заклучок за зголемување на бројот на припадниците на Армијата за помагање во справувањето со пожарите.
-Рано утрово претстедателката потпиша указ со кој ни се доделуваат 300 припадници на Армијата како помош во справувањето со пожарите. И за плус 30 припадници е зголемен и бројот на полицајци. На располагање денеска имаме и 60 припадници на Единицата за брзо распоредување- рече тој.
Ангелов потенцира дека во моментов има околу 15 активни пожари.