Поранешниот главен обвинител Љупчко Шврговски, кој сега е адвокат на Сашо Мијалков бара од Обвинителството да го гони министерот за правда Бојан Мартичиќ за мешањето околу притворот на поранешниот шеф на УБК.
Адвокатскиот тим на Мијалков посочи дека со објавувањето имиња на судии, министерот за правда директно се вмешал во работата на судската власт чија независност е гарантирана со уставот. Тие се сомневаат дека тој имал директен контакт со некој од судиите кои одлучувале за притворот на Мијалков.
Во средата Апелациониот суд ја прифати гаранцијата од 11 милиони евра на Мијалков со која тврди дека нема да бега и тој требаше да излезе од притвор кој му беше одреден за предметот Трезор. Но,неколку часа подоцна обвинителството за гонење организиран криминал и корупција побара повторно притвор за Мијалков но за предметот „Плацеви на Водно“, по што Основниот суд додели нови 30 дена притвор.
Мијалков нема намера да се даде во бегство, тврдат неговите адвокати.