Во насока на утврдување на причини за големите загуби на вода кои биле констатирани од ЈКП „Водовод и канализација“ – Прилеп, последниот период службите извршиле контроли кај правни и физички лица. Во средата во голем комплекс на објекти биле откриени девет диви приклучоци на водоводната мрежа.

-Дивите приклучоци се откриени во Друштвото за трговија и услуги „Маркови кули трејд“. Овој спортско туристички комплекс во текот на годината трошел околу 6200 кубни метри, а ЈКП „ВИК“ му фактурирале околу 750 кубни метри. На годишно ниво овој комплекс користел 5440 кубни метри вода незаконски. За период од 10 години ЈК е оштетено за сума од 44.200 евра. Случајот е пријавен во МВР – велат од ЈКП „Водовод и канализација“ во официјално соопштение.

Истовремено ЈКП „ВИК“ го задолжило „Маркови кули трејд“ да плати 9000 кубни метри вода. Во меѓувреме сите диви приклучоци се исклучени.
Во последниот период се откриени и други 70 случаи на диви приклучоци на вода за што се преземаат мерки за санкции.

ЈКП „Водовод и канализација“ со цел побрзо откривање на диви приклучоци планира да набави софистицирана опрема за детектирање на „тесните грла“ во водоводната и канализациона мрежа, со која на поедноставен начин да се открива кражбата на вода.

Дел од таа опрема која ќе чини 130 илјади евра ќе биде набавена со проект во кој учестува претпријатието. Другиот дел, скенерот за откривање на нелегалните приклучоци ќе бил набавен од сопствени средства на фирмата во висина од околу 50 илјади евра, велат од „ВИК“.

Ка.М.