Да се биде жртва на сексуалните предатори значи засекогаш да се изгуби чувството на сигурност и безбедност. За жал, на ваквите случаи им нема крај, а некои од сторителите успешно се кријат од законот и извршуваат уште повеќе вакви злодела. Неодамна до редакцијата на „Нова Македонија“, со намера да апелира или, уште подобро кажано, да се слушне нејзиниот крик во јавноста за да се изгради што поголема внимателност од страна на девојките и жените, се јави една храбра и силна девојка на возраст од нешто повеќе од дваесет години што била жртва на обид за силување

Вистинска приказна ОД НАШЕТО МААЛО

 

Сексуалните предатори се чини дека демнат насекаде. Може да бидат во секое скриено ќоше, во секоја населба или град во земјава, чекајќи ја својата жртва во превезот на темнината. Но во последно време тие се осмелуваат да ги нападнат и напаствуваат своите жртви и во кој било период од денот. Дневните билтени што ги објавува Министерството за внатрешни работи ги бележат таквите девијантни криминални дејства и среде бел ден. Имено, билтените покажуваат дека не само што расте бројот на сексуално злоупотребување туку тие регистрираат дека сексуалните престапници повеќе не избираат ниту време ниту место за да го извршат грозоморното дело.
Оттука произлегоа и освртот на нашиот весник на оваа тема и прашањето колку се безбедни нашето соседство, нашето маало, каде што слободно ги пуштаме нашите деца да играат, каде што дел од денот го минуваме и ние.

Трауматското искуство на неодамнешна жртва на обид за силување

Речиси и да нема ден, а во медиумите да не се појави информација за силување или, пак, за обид за силување, кој, за среќа, на жртвата, навремено бил прекинат. Сепак, последново и не значи дека жртвата успешно и безгрижно ќе го продолжи својот дотогашен живот. Да се биде жртва на силување, па и на обид за истото тоа е длабоко трауматско искуство. Лузните на човековата психа од тоа остануваат до крајот на животот. Некој ќе рече дека зависи од човекот, но, сепак, преживеаните трауми засекогаш оставаат траги на жртвите, кои потоа имаат проблем да продолжат со нормалното функционирање и извршување на секојдневните обврски. Да се биде жртва на сексуалните предатори, значи засекогаш да се изгуби чувството на сигурност и безбедност.
За жал, на ваквите случаи им нема крај, а некои од сторителите успешно се кријат од рацете на законот и извршуваат уште повеќе вакви дела.
Неодамна до редакцијата на „Нова Македонија“, со намера да апелира или, уште подобро кажано, да се слушне нејзиниот крик во јавноста за што поголема внимателност од страна на девојките и жените, се јави една храбра и одважна девојка на возраст од нешто повеќе од дваесет години, која била жртва на обид за силување. Поради сензитивноста на целокупниот случај и заемната почит и поддршка се договоривме да не говори со полн идентитет. Од нејзина страна тоа веќе е сторено пред надлежните органи, од кои очекува што побрзо и поефикасно сторителот на сексуалното злодело да биде пронајден и изведен пред надлежните судски органи.
„Додека стоев на автобуска станица во Центар се обиде да ме силува“. Со овие зборови го започна разговорот нашата соговорничка, која сѐ уште под влијание на силен стрес и шок едвај успеваше да раскаже што доживеала.
Целата таа ситуација се случила среде бел ден на автобуската станица кај Градскиот парк, попладне, во период од денот кога фреквенцијата на луѓе и возила е огромна. Во 14 часот, момче на нејзина возраст, без ни малку страв и срам, се расоблекло и покрај тоа што се самозадоволувало, се обидело и да ја злоупотреби девојката. Сексуалниот напасник ја фатил за рамото и ја повлекол кон себе. Среќа во несреќа било тоа што девојката, сепак, многу брзо се созела, дала отпор, а напасникот почнал да бега. Девојката почнала да го брка, со надеж дека ќе успее да го фати и да ѝ го предаде на полицијата.

Кратка реконструкција на случајот

Прочитајте како жртвата го реконструира целиот случај, со гласен апел, дури и молба кон сите девојки исклучително да внимаваат и да бидат превентивно претпазливи за сето она што им се чини сомнително, за луѓето што се прикрадуваат и доаѓаат до непосредна близина, која е недозволива и од која може со голема веројатност да им ги загрозат личниот и физичкиот интегритет.
– Излегов од својот дом и тргнав кон автобуската станица. Зад мене го забележав момчето, но мислев дека и тој оди кон постојката. Постојано одеше зад мене и се движеше во мојот ритам. Кога застанав на автобуската, застана и тој. Му бев завртена со грбот, затоа што го чекав автобусот. По неколку минути тој ме фати за рамото и ме повлече кон себе. Кога се завртев забележав дека е соблечен и дека се самозадоволува. Од целиот тој шок целосно се стаписав. Немав ниту сила да направам нешто, ниту пак глас да побарам помош, само импулсивно се оттргнав од него. Тој започна да бега, а јас веднаш тргнав по него со надеж дека ќе успеам да го запрам. За среќа, еден човек откако го замолив да ми помогне, тргна по него, но, за жал, момчето успеа да избега – раскажува таа.
Вели дека е револтирана затоа што момчето среде бел ден, без никаков страв и срам се обидело да ја силува.
– Не сакам да помислам што сѐ можеше да се случи доколку беше темно и не беше толку фреквентен период од денот. Штом тој така се однесуваше среде бел ден, којзнае што сѐ може да направи навечер – вели таа.

Сексуалните напади не се инцидентни, тие зачестуваат

И, за жал, ова не е прв таков случај. Девојката во овој случај имала среќа што сѐ завршило само на тоа. Изминатиот месец имаше голем број случаи на силување.
Неодамна, дваесет и четиригодишна девојка од Велес во полиција пријавила дека во два наврати минатиот месец била силувана. Еднаш во хотел во Велес, а потоа во близината на реката Бабуна. Силувачот му бил пријател на момчето на нејзина пријателка.
Четириесет и шестгодишна жена од Скопје, пак, била жртва на педесет и петгодишен скопјанец, кој, освен што ја силувал, и физички ја нападнал жената на крајот од минатиот месец.
Во струмичко село, пак, мајка на малолетно момче пријавила во полиција дека шеснаесетгодишник од истото село извршило обљуба врз нејзиниот син.
Министерството за внатрешни работи на расчистување на сите случаи.
Според членот 186 од Кривичниот законик, „тој што со употреба на сила или закана дека непосредно ќе нападне врз неговиот живот или тело или врз животот или телото на нему блиско лице, ќе го присили на обљуба, ќе се казни со затвор од три до десет години“.
Сторителот на делото за кое нашата соговорничка сведочеше, според Кривичниот законик, може да заработи затворска казна до една година.
– Тој што пред друг врши полово дејствие на јавно место, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година – наведено е во КЗ.

Порака од една жртва на сексуално насилство

Опасноста демне не само од непознати напаѓачи туку и од некој за кого се смета дека сте го виделе, го познавате или можеби имате симпатии кон него. Една соговорничка, која исто така сакаше да ги предупреди припадничките на понежниот пол издвои и друг момент, односно таа обрна и внимание дека „сексуалното насилство често доаѓа и од личност што помалку или повеќе ја познавате“…
– Многу припаднички на женскиот пол и не сфаќаат каков ризик преземаат кога прифаќаат да излезат со момче што малку го познаваат или не го познаваат доволно. Не сфаќаат колку е опасно да останат сами. Во таквите ситуации, кога момчето ќе почне да ја присилува девојката на сексуален однос, таа речиси и да не може ништо да стори за да го спречи. Многупати силувањето однапред не е ниту испланирано, но се случува поради тоа што девојката не ја сфаќа т.н. „прогресивна природа на сексот“. И веќе пред да се снајде во конкретната ситуација, таа може да биде веќе претепана и сексуално злоупотребена. Затоа, нашата соговорничка апелира: Внимавајте со кого излегувате!

[email protected]