Почина шеесет и тригодишниот овчар од кратовското село Емирица, кој една седмица беше во кома по претрпен мозочен удар. Тој починал утринава во штипската болница, која ја потврдила информацијата за телевизија „Телма“.

Јавноста дозна за неговиот случај откако лекар од Итна помош преку Фејсбук објави за импровизираната акција за спасување во Кратовско, кога возилото не можело да стаса до овчарот поради непристапен терен.

Центарот за управување со кризи информираше дека почнала со работа Комисијата за утврдување на правилност во примената на стандардните оперативни процедури за работа на Регионалните центри за управување со кризи Кратово и во Куманово.

Работата на комисијата, според ЦУК, претставува дел од преземените активности заради целосно расветлување на случајот на координацијата и давањето помош на медицинскиот тим во Кратовско.

На вчерашната прес-конференција в.д. директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, најави дека комисијата детално ќе го испита овој случај и ќе утврди дали постојат пропусти и слабости во ЦУК или во другите институции од Системот за управување со кризи, за истите да бидат надминати во иднина.