Двајца полицајци од Куманово, за да не пишат казна за сообраќаен прекршок, побарале и примиле поткуп од лицето што го сторило прекршокот.

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР поднесе кривична пријава против полициските службеници Д. Д. (24) и Е. С. (29).

– Полициските службеници, за да не извршат службено дејство што морале да го извршат, односно да не изготват записник за сторен сообраќаен прекршок и прекршочен платен налог на возач што сторил сообраќаен прекршок, побарале и примиле поткуп во материјални добра, што, по пријавувањето на случајот, се пронајдени кај полициските службеници и му вратени на сопственикот.

Полициските службеници се суспендирани од своите работни места до завршување на постапката за утврдување дисциплинска одговорност – велат од МВР.