На денешното рочиште за предметот „Топлик“, во Кривичниот суд беше одбиено барањето на одбраната на обвинетите за изземање на судечкиот совет.

Адвокатот Еленко Миланов го извести судот дека ќе поднесе барање за изземање на судечкиот совет. Тоа го образложи со изјава на специјалната јавна обвинтиелка Катица Јанева на ТВ24 дека има аудио-снимки за судии од овој суд и ќе побара да се произнесе дали некој од судиите во судечкиот совет по овој предмет се вклучени во тие аудио снимки. Според него доколку се наоѓаат на документацијата за прислушување тие не би можеле и не би смееле да учествуваат и одлучуваат во овој предмет.

На рочиштето беше присутен и поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески кој со уште пет други лица се обвинети во „Топлик“ за продажба на градежна парцела во скопско Сопиште.

Јанакиески повторно побара пред да почне главната расправа судот да го одложи денешното рочиште и судот да им врачи комплетно це-де од претходното рочиште за да може да имаат увид со цел да го споредат пишаниот записник со аудио-записот и ја утврдат точноста на стенограмот за која се сомневаат дека е точна и би произлегле забелешки.

Судот го отфрли предлогот како безпредметен бидејќи им е веќе даден записник во пишана форма. Судот зема оврска да им достави це-де и посочи дека секако одбраната ќе има право на приговори по неговата содржина.

Како неосновано беше одбиено и барањето за издвојување на аудио-доказ од списата на докази по предметот, како доказ прибавен на незаконски начин.

Јанакиески, како раководно лице во Министерството за транспорт и врски, спротивно на Законот за јавни набавки составил Комисија за јавни наддавања на која и наложил да избере понудувач за купување и располагање со државно земјиште за изградба на елитниот комплекс Сончев град во Сопиште, иако фирмата не ги исполнувала условите за тоа.

Од доказите, според СЈО, произлегува дека поради раскинувањето на договорот по вина на Министерството, тоа се обврзало во износ од еден милион евра да му исплати долг и затезна камата на правното лице „Сан сити“.

Минатото рочиште за „Топлик“ беше одложено поради болест на обвинетиот Димитар Димовски, за што неговиот адвокат достави лекарска потврда.