Претседателот на Советот на јавните обвинители, Коле Штерјев, по речиси осум часа од денешната седница за точката за разрешување на Катица Јанева, рече дека денеска одлука не донеле и продолжуваат в четврток во 10 часот.

– Советот од 11 часот досега работеше на разгледување на списите од предметот. Се работи за обемен предмет, за обемни списи, има многу прибавени докази, многу транскрипти – рече Штерјев пред новинарите.

Сите списи требало да ги прочитаат и разгледаат членовите на Советот, рече претседателот на ова тело.

– Ние до овој момент дојдовме до состојба во која ги разгледавме и проучивме сите списи и оценивме дека за денеска е доволно – рече Штерјев.

Тој појасни дека одлуката, каква и да е, треба да биде добро образложена.

Поради разрешувањето на Јенава, поместена е точката за избор на заменик на Штерјев на позицијата претседател на Советот на јавните обвинители.