Кривичниот совет на Основниот кривичен суд ја одби жалбата на бизнисменот Сеад Кочан во која побара да му се одложи затворската казна.

Со ова, кривичниот совет го потврди решението на судијата за извршување санкции против кое Кочан поднесе жалба.

– По добивање на целокупната документација поврзана со жалбата, на 26 јули кривичниот совет одржа нејавна седница. По разгледување и ценење на жалбата, советот донесе решение со кое  жалбата ја одби како неоснована и го потврди решението на судијата за извршување санкции според кое осуденото лице е должно веднаш да се јави на издржување на затворската казна – соопштија од судот.

Одлуката на советот писмено е испратена до Кочан. Тој е осуден на затворска казна од четири години и осум месеци во предметот „Труст“ на специјалното јавно обвинителство. Откако првпат Судот го одби, Кочан, кој требаше да се јави во затворот во Идризово на 17 јули, повторно поднесе барање да му се одложи казната поради нарушена здравствена состојба. Судот го одби и тоа барање.

Кочан е осуден за злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство. Според пресудата, тој со лажни документи учествувал и добил тендери за ископ на јаглен и јаловина во РЕК „Битола“ на АД ЕЛЕМ вредни 17 милиони евра.