Поранешната шефица на СЈО Катица Јанева утрово се симна од полициското комбе и во придружба на полицајци влезе во судот, каде што ја пречекаа бројни новинарски екипи.

Во чекалницата дојде и нејзиниот син Лазар Јанев.

Неколку минути подоцна во судот дојде и обвинетиот Зоран Милевски.

Јанева и Милески се донесени од нивните живеалишта во Скопје каде што издржуваат куќен притвор.

Денеска почнува судењето за случајот „Рекет“. Бојан Јовановски – Боки 13, ексшефицата на СЈО Катица Јанева и Зоран Милески – Кичеец ќе седнат на обвинителна клупа во скопскиот кривичен суд.

Јовановски ќе биде спроведен во судот од истражниот затвор „Скопје“ во Шуто Оризари.

Тројцата треба да се произнесат во однос на обвинението за „Рекет“ – неизвесно е дали тие ќе ја признаат вината или ќе го отфрлат обвинителниот акт на тимот од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, предводен од шефицата Вилма Русковска. Агендата за судскиот процес е набиена и веќе се закажани четириесетина рочишта во наредните три месеци.

Случајот „Рекет“ се отвори во јули годинава, кога Бојан Јовановски и Зоран Милески – Кичеец беа уапсени и завршија во притвор, а на Милески подоцна му беше определен куќен притвор.

Во август беше уапсена и Катица Јанева, под сомнеж дека таа прибавила значителна имотна корист за да му ја олесни состојбата на осомничениот бизнисмен Орце Камчев во случајот „Империја“. Поради влошена здравствена состојба, и Јовановски и Јанева во последниве месеци често завршуваа во болница, сè додека минатиот месец скопска Апелација не ѝ го замени притворот на Јанева со домашен, одлука која предизвика жестоки реакции во јавноста, но и отворен судир меѓу Обвинителството и судот.