Лани биле казнети 3.524 возачи за зборување на мобилен додека управуваат возило / Фото: Игор Бансколиев

Според истражувањата за управување со моторно возило и зборување на мобилен телефон, психолозите тврдат состојбата е еднаква како кога возачот пиел алкохол. Загрижуваат резултатите од истражување коешто е спроведено на Катедрата за безбедност во патниот сообраќај при Техничкиот факултет во Битола за користење мобилен од страна на професионалните возачи, и тоа во јавниот автобуски превоз околу 42 отсто, кај возачите во такси-превозот 58 отсто, а во меѓуградскиот автобуски превоз 71,9 отсто

Високите летни температури, секако, влијаат на способноста на возачот за управување со моторно возило и придонесуваат за појава на замор, дефокусираност и пад на концентрацијата. Но ако возачот уште и зборува на мобилен телефон, тогаш неговата концентрација уште повеќе опаѓа. Независно дали е лете или зиме, многу од возачите не водат сметка за ова и зборуваат на мобилен телефон додека управуваат со моторно возило. Полициските билтени секојдневно се полни со информации колку возачи во полициски акции низ државава биле казнети за зборување на мобилен телефон, но некои и натаму не се откажуваат од оваа лоша навика. Од Министерството за внатрешни работи велат дека зборувањето на мобилен телефон за време на управување со моторно возило е регулирано во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, односно во членот 24, каде што е предвидена глоба во износ од 40 евра во денарска противвредност за возач на моторно возило што за време на управувањето со возилото користи мобилен телефон или некаков друг уред, на начин на кој би ја намалил можноста за реагирање и сигурно управување со моторното возило. И сообраќајните експерти се согласни дека зборувањето на мобилен телефон додека се управува со моторно возило ја намалува концентрацијата и може да биде причина за сообраќајни несреќи.
Во согласност со делумно обработените податоци со кои располага Секторот за сообраќајни работи при МВР, во текот на 2020 година на територијата на Македонија се санкционирани 3.524 возачи, а по основа на сообраќајниот прекршок „зборување на мобилен телефон додека се управува со моторно возило“. Што се однесува до старосната граница на возачи кај кои најчесто се манифестира овој сообраќаен прекршок, не може да се издвои една категорија на возачи како водечка, односно сообраќајниот прекршок се манифестира кај сите старосни граници на возачи – велат од МВР.

Според психологот Мирјана Јовановска Стојановска, истражувањата за управување со моторно возило и зборување на мобилен телефон велат дека состојбата да се вози и зборува на телефон е еднаква на онаа како кога возачот пиел алкохол.
Тој што зборува на телефон додека вози не е тука, во реалниот свет, зависи колку е тој сконцентриран на разговорот, па ако се случи да му падне телефонот додека разговара или други технички проблеми, се губи концентрацијата. Не треба да се коментира за ова, тоа е нешто што е многу опасно и се доживува токму како возачот да пиел алкохол – смета Јовановска Стојановска.
Сообраќајните експерти, пак, велат дека управувањето со моторно возило спаѓа во една од најкомплексните човекови активности. Преоптоварувањето со ,,поплава од иритатори“, најчесто, неизбежно води кон намалување на способноста за реакција во одредена ситуација и трајно кон несакани катастрофални последици, т.е. кон незгоди.
Мобилниот телефон спаѓа во групата телематски системи и иритатори, што многу често се употребува денес од сите учесници во сообраќајот. Користењето на мобилниот телефон додека се управува со моторно возило доведува до намалување на способноста за реагирање и неизбежен пад на концентрацијата кај возачите. Првичните истражувања коишто се однесуваат на штетното влијание од користењето мобилни телефони се однесуваат на зборување на мобилен телефон додека се управува со возило. Од моментот на добивање дојдовен повик, погледнување во мобилниот телефон и почнување разговор минува време од две до три секунди.

Овие две-три секунди значат живот. Возило коешто се движи со брзина од 50 километри на час изминува растојание од 30 до 40 метри. Доколку се работи за движење на автопат со брзина од околу 100 километри на час, возилото би изминало околу 80 метри. Отсуството на внимание од две до три секунди, односно 80 метри, значи живот. Денес сериозно загрижува користењето на паметните телефони, во смисла на пишување пораки, прелистување содржини на интернет, користење апликации на Фејсбук, Твитер и слично – појаснува професорот д-р Зоран Јошевски од Техничкиот факултет во Битола.
Јошевски додава дека нешто помала е опасноста од настанување на сообраќајна незгода кога се користи уредот без употреба на рацете, при што двете раце на возачот се наоѓаат на управувачот на возилото.
Но се поставува прашањето што станува со концентрацијата на возачот? Дали сме толку многу вешти возачи, кои без проблеми престигнуваат други возила и истовремено преку мобилен телефон договараат добар бизнис, а сето ова се одвива при брзина на движење на околу 100 километри на час.

Притоа, никој од нас не размислува дека учеството во сообраќајот во денешни услови е сѐ поопасно, т.е. денес управувањето со моторно возило не е само проверка на сопствените способности и рефлекси туку и можност да се предвиди однесувањето на другите учесници во сообраќајот, како голем степен за сигурно и безбедно возење. Во услови кога истовремено се користи мобилен телефон и се управува со моторно возило, времето на реагирање и падот на концентрацијата се предмет и анализа на проучување на сите истражувања коишто се во оваа област. Од досегашното искуство во делот на проучувањето на сообраќајните незгоди, мобилниот телефон и телефонирањето/текстирањето во текот на возењето може да се доведат во контекст со низа неразјаснетите случаи на сообраќајните незгоди (излетување од коловозот, преминување на лева коловозна лента, налетување на друго возило и слично) – појаснува професорот Јошевски.


Што говорат истражувањата

Особено загрижува користењето на мобилниот телефон од страна на професионалните возачи. Резултатите од истражувањето коешто е спроведено на Катедрата за безбедност во патниот сообраќај при Техничкиот факултет во Битола, потврдуваат дека од вкупниот број опсервирани возачи во јавниот автобуски превоз, за време на возењето мобилен телефон користеле околу 42 отсто, кај возачите во такси-превозот овој процент изнесува 58 отсто, а кај возачите во меѓуградскиот автобуски превоз мобилен телефон користеле 71,9 отсто.
Токму поради ова, посебен акцент во иднина треба да се стави во делот на унапредувањето на свеста и одговорноста на професионалните возачи. Ова посебно поради фактот што за време на разговор со мобилен телефон мисловните капацитети (когнитивната активност) на возачот се користат за анализирање две ситуации: управување со возилото и разговор на мобилен телефон, при што се намалува способноста на возачот за донесување одлуки од интерес за примарната задача, а тоа е управувањето со возилото – акцентира професор -д-р Зоран Јошевски.