Жалбениот совет при Врховниот суд ја одби жалбата на поранешниот претседател на судот, Јово Вангеловски, за негово разрешување од судиската функција и од функцијата претседател на суд.

– Жалбениот совет при Врховниот суд на Република Северна Македонија на вчерашната седница расправаше по повод поднесената жалба од поранешниот претседател, судијата Јово Вангеловски, поднесена против одлуката на Судскиот совет на Република Северна Македонија за негово времено оддалечување од вршење на судиска функција и функција претседател на суд. На истата седница жалбениот совет донесе одлука со којашто жалбата на жалителот ја одби како неоснована и го потврди решението на Судскиот совет од 23.09.2019 година – соопштија од Врховниот суд.

Вангеловски лани во септември беше разрешен од функцијата поради нестручно и несовесно вршење на функцијата. Претставката за разрешувањето ја поднесе невладината организација „Зелена лупа“ поради донесена одлука од страна на Вангеловски за укинување на притворот на Сеад Кочан додека тој беше во бегство.

Вангеловски без ден судиски стаж, со три години искуство како стручен соработник во Окружниот стопански суд и 20 години адвокатско искуство во мај 2008 година беше избран за судија на Врховниот суд, во граѓанскиот оддел. Два месеца по изборот беше избран за претседател на Врховниот суд, функција што ја вршеше до 2012 година. По мандатот на Лидија Неделкова, во 2017 повторно на итна седница на Судскиот совет беше избран за претседател на Врховниот суд.

Вангеловски во 2015 година беше споменуван и во прислушуваните телефонски разговори на опозицијата во негов разговор од 2011 година со министерот за транспорт, Миле Јанакиески, за случајот „Глобал“.

Тој беше повикан и на распит во скопското обвинителство за сомнеж за местење предмети во судот и изигрување на АКМИС-системот и годишните распореди за работа на судиите, но обвинителството не го осомничи.