Пронајдена марихуана во Синѓелиќ

На паркинг на улицата Методија Андонов-Ченто во Скопје, полициски службеници од СВР-Скопје го лишиле од слобода С.Т. (20) од Скопје затоа што при преглед кај него била пронајдена марихуана.

Охриѓани нелегално ловеле риба

Во Секторот за внатрешни работи во Охрид било пријавено дека на брегот на Охридско Езеро биле забележани М.П. (65), Е.З. (35) и Е.З. (31), сите од Охрид, со риболовен алат и вреќи со улов, по што го напуштиле местото. По издадена судска наредба, полициски службеници од СВР-Охрид извршиле претрес во чамецот и било пронајдено поголемо количество риболовен алат и улов од риба. Предметите и уловот се подигнати за понатамошна постапка. Увид на местото извршила екипа од СВР-Охрид и се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Повредени мотоциклисти во судир со возила

На крстосница од локалниот пат Средно Коњари – Горно Коњари и локалниот пат што ги со поврзува автопатот Миладиновци – Свети Николе се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „рено меган“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Б.С. (24) од Петровец, Скопско и мотоцикл „хамачи“, управуван од Б.М. (28) од Средно Коњари, Скопско. По незгодата Б.М. бил пренесен во градската општа болница „Свети Наум Охридски“ каде што му биле констатирани тешки телесни повреди. Увид на местото на настанот извршила екипа на СВР-Скопје.

На крстосница од булеварот Кузман Јосифовски-Питу со улицата Владимир Комаров во Скопје се случила сообраќајна незгода помеѓу товарно возило „ивеко“ со скопски регистарски ознаки, управувано од И.Т. (49) од Скопје и мотоцикл „пиаџо“ со скопски регистарски ознаки, управуван од С.Т. (43) од Неготино. По незгодата С.Т. бил пренесен во комплексот клиники „Мајка Тереза“ каде што му биле констатирани тешки телесни повреди. Увид на местото на настанот извршила увидна екипа на СВР-Скопје.

Гостиварец се повредил додека цепел дрва

Во СВР-Тетово било пријавено дека во Ургентниот центар во Гостивар со тешки телесни повреди бил донесен Б.А. (47) од селото Добридол. Според пријавеното, тој се повредил поради невнимание додека со секира цепел дрва кај Т.А. Увид на местото на настанот извршила екипа на Полициска станица во Гостивар и се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Пожар кај Македонски Брод

Пожар избувнал во местото Буњица, во атарот на селото Долно Крушје, Македонски Брод. Опожарени биле сува трева и нискостеблеста шума во државна и во приватна сопственост. Пожарот бил изгаснат од противпожарната единица од Македонски Брод. Увид на местото на настанот извршила екипа на Полициската станица во Македонски Брод.

Касната од куче скитник на Џон Кенеди

Во СВР-Скопје С.К. (42) од Скопје пријавила дека на улицата Џон Кенеди била касната од куче скитник во пределот на левата натколеница.

Пронајдени хероин и канабис во Кичево

На улицата Братство Единство во Кичево, полициски службеници од ОВР-Кичево го лишиле од слобода Б.С. (42) од Кичево затоа што при преглед во патничко возило „опел астра“, што го управувал, пронашле и одзеле хероин. Тој бил приведен и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава. Во Кичево, исто така, полициски службеници, пронашле засадено растение канабис сатива во близината на верски објект, на булеварот Ослободување.

Во полициски час носеле куршуми

Во Кочани, на улицата ВМРО, поради непостапување според здравствените прописи за време на епидемија – ограничено движење, полициски службеници ги лишиле од слобода М.А. (36), С.С. (46) и С.Ф. (43), сите од Кочани. Притоа, при преглед на С.Ф. биле пронајдени и одземени една празна рамка од пиштол, два куршуми 7,62 мм и еден куршум 9 мм за пиштол.