Хелсиншкиот комитет бара темелна истрага за несреќата на градилиштето во Куманово во која се повредени десет работници, од кои двајца се во критична состојба. Од таму велат дека несреќата уште еднаш ја потврди нефункционалноста на системот за безбедност и здравје при работа. Притоа, велат од таму, градежништвото и понатаму останува најризичен сектор, каде што несреќите со фатален исход се најчести.
– Со жалење констатираме дека фактот што според методологијата на МЗЗПР од 2010 до 2018 година на работно место животот го загубиле најмалку 318 работници, а со повреди се здобиле најмалку 895, не предизвикува соодветна реакција кај надлежните институции за да се намали црната статистика и да се подобри безбедноста – се вели во соопштението.
Иако Хелсиншкиот комитет, додаваат од таму, редовно апелира до работодавачите доследно да ги почитуваат законите и правилниците со кои се обезбедуваат безбедни работни услови, без темелен ангажман на сите чинители на системот за безбедност и здравје при работа, состојбата нема да се промени и дополнително ќе се влошува.
Притоа, велат од Хелсиншкиот комитет, проблемот не го лоцираме во недостигот на законска регулатива, туку во недоследната имплементација на законите- и во однос на превенцијата на несреќи на работно место и во однос на санкционирањето на пропустите кои довеле до вакви инциденти.
– Комитетот се обрати до Државниот инспекторат за труд да спроведе темелна истрага за овој случај, да ја лоцира одговорноста за несреќата и соодветно да ги санкционира сите кои со непостапување или прекршување на законите и процедурите дозволиле да се случи уште една во низата вакви трагедии – се вели во соопштението.