Бизнисменот Сеад Кочан денес требаше да се јави на издржување на затворска казна од четири години и осум месеци за предметот „Труст“ на СЈО. Сепак, согласно Законот за извршување на санкции, сè додека нема одлука од судија за извршување на санкции по барањето на Кочан за одложување на издржувањето на затворската казна, неговото заминување во затвор се пролонгира, објавија повеќе македонски медиуми.
Кривичниот совет завчера ја потврди одлуката на судијата од Кривичниот суд за да се одбие барањето на бизнименот за одложување на издржување на казната, а во меѓувреме Кочан поднел друго барање поради болест, по кое Кривичниот суд сè уште не одлучувал.
Кочан првично доби затворска казна од шест години, но Апелацискиот суд му ја намали на четири години и осум месеци. Тој е осуден поради манипулации за добивање на тендер од ЕЛЕМ од 17 милиони евра со прикажување на лажна документација.