Ангела Ѓорѓиевска, обвинетата девојка на убиениот Пино Секондо, на 15 ноември како соучесничка во неговото убиство ќе седне на обвинителна клупа, потврдија од кривичниот суд. Осомничениот за убиството, Али Фуркан сѐ уште е во бегство и е недостапен за органите на прогонот. Обвинител во предметот е Лидија Раичевиќ.
Според обвинението, кобната вечер Ангела го намамила Пино да дојде во населбата Ѓорче Петров. Кога Пино пристигнал, таму бил осомничениот за убиството, Али Фуркан кој носел пушка. Фуркан го оставил возилото „опел“ и со „шкодата” на Пино се упатиле преку обиколницата до Арачиново.
Али Фуркан возел, а девојката седела на совозачкото место. Пино бил на задното седиште. Во Арачиново застанале во нива и започнале да се караат по што се степале. Во еден момент Фуркан со пушката го застрелал Пино во главата.
Ангела е обвинета како соучесничка во убиството.