Надворешната канцеларија за криминалистички работи Крива Паланка поднесе кривична пријава против поранешниот градоначалник на општина Крива Паланка, Арсенчо Алексовски и против двајца вработени во општината, едниот како раководител на одделението за урбанизам, сообраќај и заштита на животната средина, а другиот овластен градежен инспектор, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.
– Д.Н. изготвил решение со кое на друштво за телекомуникации од Скопје се одобрува изградба на линиска инфраструктурна градба за поставување на канали за телекомуникациски водови и оптички кабел во Крива Паланка, кои биле одобрени од А.А.(59), а се извршувале работи за измена на траса на веќе изградена градба на релација од граничен премин „Деве Баир“ до Граничен премин „Ќафасан“, со Одобрение за градење од Министерството за транспорт и врски на Република Северна Македонија, а не за нова градба. Со дејствието му овозможиле на инвеститорот да склучи договори со друг изведувач од Скопје за износ од 1.941.381 денари.
По завршувањето на работите, од нарачателот на изведувачот биле исплатени само 865.198 денари од вкупниот износ, со што му била нанесена штета во износ од 1.076.183 денари. А.А.(68) на 22.09.2016, иако при инспекциски надзор констатирал дека новиот крак од објектот е поврзан на постоечкиот линиски инфраструктурен објект, писмено го известил Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам Скопје дека инвеститорот ја поседува потребната техничка документација. Пријавените, покрај нанесената штета на изведувачот, нанеле и штета на ЈП за Државни патишта со поставувањето на оптичкиот кабел на магистралниот пат Крива Паланка-Куманово и овозможиле на правно лице, сопственост на А.А.(59) да ги користи услугите од поставените канали за телекомуникациски водови и оптички кабел – се наведува во соопштението.