Владата не треба да даде оставка по катастрофалниот пожар во модуларната болница во Тетово, истакна денеска премиерот Зоран Заев по обраќањето на Енергетскиот форум „Македонија 2021“. Премиерот нагласи и дека ќе ја донесе одлуката во врска со понудената оставка на министерот за здравство Венко Филипче врз основа на експертскиот професионален форензички извештај од истрагата.
– Со огромно сочуство кон семејствата за оваа трагична несреќа што се случи во нашата земја ред е да ги почекаме одговорите од сите експерти, од целокупната истрага за потоа да го кажам моето мислење по основ на поднесените оставки. Не мислам дека цела Влада треба да си поднесе оставка – изјави Заев.
Тој посочи дека Филипче и понатаму ги извршува работните обврски.
– Филипче доаѓа на работа, се додека правно не бидат завршени сите работи, и до доаѓање на нов министер, тој ќе ги извршува обврските – рече Заев, повторувајќи дека пожарот во модуларната болница е голема трагедија.
Премирот посочи дека нема конкретна информација за одвивањето на истрагата.
– Немам информација до каде е истрагата. Знам дека експерти-форензичари од МВР работат заедно со тимови од ДЗС за пожарите, а стигнати и се луѓе од Германија. За мене е важно да има брз резултат, бидејќи тоа го бараат граѓаните, но и Владата и институциите. Извештајот да биде експертски и да ги даде сите одговори – истакна Заев.