Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал во содејство со СВР Охрид денеска поднесе кривична пријава против И. Д. (45) и Д. Д. (45), двајцата од Охрид, поради сомнение за сторено кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги.
Како што информираат од МВР, во периодот од јули до ноември годинава И. Д. набавил кокаин од едно лице по што заедно со второпријавената Д. Д. во неговиот дом го препакувале во помали пакувања и го препродавале по цена од 4.000 до 5.000 денари за еден грам за што се обезбедени докази.
Вчера, на охридската улица Марко Цепенков полициски службеници извршиле контрола на возило „ренџ ровер“, со охридски регистарски ознаки, управувано од Д. Д., при што биле пронајдени денари и евра во разни апоени, а при претрес во домот извршен со судска наредба биле пронајдени и одземени кокаин и повеќе банкноти, денари и евра, за кои постои сомнение дека потекнуваат од кривичното дело, по што лицата се лишени од слобода.