Фото: Игор Бансколиев

Фудбалската репрезентација на Македонија ќе игра против актуелниот европски првак Италија во полуфиналето од баражот за пласман на Светското првенство (СП) во Катар в година. Ова е резултат од ждрепката влечена попладнево во Цирих Швајцарија. Македонија ќе се обиде првпат да избори учество на Мундијалот, откако летоска го имаше дебитантскиот настап на Европското првенство.

Избраниците на Благоја Милевски ќе гостуваат во Италија во полуфиналето на 24 март идната година. Ако Македонија успее да ги елиминира „аѕурите“, во финалето ќе гостува кај подобриот од дуелот помеѓу Португалија и Турција на 29 март в година. Победниците на финалните мечеви ќе изборат учество на СП 2022.

Шесте второпласирани репрезентации со најдобар ефект во квалификациските групи, Италија, Португалија, Русија, Шкотска, Шведска и Велс беа повластени во првиот барабан за ждрепката, а Македонија, Австрија, Чешка, Полска, Турција и Украина, како неносители, беа во вториот барабан. Австрија и Чешка влегоа во баражот врз основа на пласманот во Лигата на нациите (ЛН).

На тој начин не се исполни желбата на најголемиот дел од навивачите кои во анкетата на „Нова Македонија“ пред ждрепката одговорија дека сакаат националната селекција да се сретне со Велс во баражот.