Артан Груби / Фото: Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците

Артан Груби вели дека Македонија ќе има премиер Албанец, а за тоа има согласност и од актуелниот претседател на Владата и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски.

Во коалицискиот договор од 2020 година меѓу СДСМ и ДУИ, потпишан од Зоран Заев и Али Ахмети, се наведува дека во последните 100 дена од Владата премиер да биде личност од албанска националност.

-Во коалицискиот договор што го имаме постигнато со Зоран Заев стои во последните 100 дена тој да ја напушти Владата и да биде заменет со албански премиер. Ова го напишавме и го потпишавме, а излезе и Заев и рече дека првпат ќе имаме премиер Албанец – рече Груби во синоќешното гостување на косовската телевизија „Дукаѓини“.

Според него, договорот сè уште важи и дека ова е ветено и од актуелниот премиер Димитар Ковачевски.

-Ковачевски на првата средба пред да биде избран, на која беше и Зоран Заев и други, вети дека ќе важи истиот договор што беше постигнат со Ахмети и се ракувавме. Тој рече дека во последните 100 дена, кој и да е, ќе ја напушти функцијата, а Албанец или Албанка ќе биде премиер – рече тој.

Тој вели дека во 2020 година смислиле модерна кампања, која одекнала во Приштина и Тирана, а во која се вели дека е дојдено време за првиот албански премиер.

-Ова е проект на Али Ахмети за да ги урне табуата. Дојде време да се надминат предрасудите со изборот на албански премиер – рече Груби.

Според него, Али Ахмети ќе биде тој што ќе го предложи албанскиот премиер и сигурен е дека нема да погреши во изборот.