Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски заедно со министрите за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски и за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска ја посетија градинката „Кочо Рацин“, објект „Панорама“ каде што ја стартуваа кампањата на МЗШВ „Здрав оброк за секое дете“.
-Овошјето е неизбежна ужинка за сите деца. Токму затоа ме радува што дечињата ќе јадат проверени и безбедни домашни овошја од прва класа произведени во нашите овоштарници и од нашите земјоделци. Мило ми е што кампањата „Здрав оброк за секое дете“ започнува од наша центарска градинка и што при делењето дечињата се запознаат со витамините на овошјата и бенефитот од нивното конзумирање. Важно е овошјето и зеленчукот да бидат вклучени во секојдневното детско мени уште од рана возраст. И ние токму тоа се обидуваме да направиме, да стекнеме здрави навики за здрава и квалитетна исхрана за дечињата – изјави Герасимовски.
Тој вели дека проектот „Здрав оброк за секое дете“ се реализира втора година по ред преку програмата на МЗШВ и партнерство на МТСП за поддршка на откупот за овошје, зеленчук, млеко и млечни производи произведени од земјоделците. Според него, преку овој проект секое запишано детенце во градинка еднаш неделно ќе добива по еден килограм македонско овошје, кајсии, праски, сливи, круши и јаболки од прва класа. Сето ова е под строг мониторинг на ДИЗ и АХВ кои ќе го контролираат квалитетот и безбедноста.
Покрај делење здрави оброци за дечињата беше организирана и креативна работилница во која градоначалникот Герасимовски и министрите Николовски и Тренчевска подготвуваа разни производи од овошје.