Полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро” синоќа спасија пет лица од едрилица во Охридското Езеро, откако сопственикот на едрилицата изгубил контрола на пловилото поради невремето.
-Постапувајќи по пријава дoбиена околу 19 часот во СВР Охрид дека во водите на Охридското Езеро, сопственик на пловен објект-едрилица, на која покрај него се превезувале уште четири лица, изгубил контрола поради невремето и поради кршење на крмен лист, полициски службеници на Полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро” веднаш излегоа на терен и околу 19.25 часот ја пронајдоа едрилицата на околу 7.000 метри од брегот на езерото, во близина на границата со Република Албанија – соопшти МВР.
Н.Б. (55) од Охрид, кој ја управувал едрилицата заедно со другите лица кои се превезувале на неа се спасени и безбедно пренесени до Полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро” во добра здравствена состојба, без повреди, посочуваат од МВР.