Фото: МИА

Фирмата предложена од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за набавка на природен гас, никогаш не достави комплетна документација и не ги приложи потребните референци задолжителни за сите понудувачи, реагираше денеска АД ЕСМ на претходните обвинувања од партискиот потпретседател Александар Николовски.

Според изјавата на Николовски во вчерашното гостување на Канал 5, „владата на СДСМ и Ковачевски, ја одбила помошта на ВМРО-ДПМНЕ за набавка на гас по фиксна цена од 850 евра за 1.000 метри кубни и тоа за цела 2023 година, а набавувала дупло поскап гас односно 1.950 евра за 1.000 метри кубни“.

ЕСМ денеска реагираше дека со фирмата што ја предложил Мицкоски „бил потпишан само првичен EФЕТ договор, кој е стандарден договор меѓу страните на европскиот пазар за енергенси, а кој е невалиден без дополнително доставена конкретна понуда на количини, потекло, испорака и банкова гаранција“.

– Наведената фирма беше директно контактирана од одговорни лица од АД ЕСМ, беше повикувана на неколку огласи за набавка на природен гас и од наша страна се правеа обиди да се дојде до комплетна понуда која може да се разгледа согласно објавата за набавка – се наведува во соопштението на ЕСМ.

Оттаму дополнуваат дека до поднесување на комплетна понуда не дошло, а дополнително биле известени и дека за еден одреден период фирмата воопшто не е во можност да испорача гас.

Денеска на истата тема имаше прес-конференција и потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Димитриеска Кочоска, според која „партијата на власт не ја прифатила помошта од ВМРО-ДПМНЕ заради инает и политичка незрелост“.

ЕСМ бара од партиите да не изнесуваат „невистини и искривени информации“ и да не ги вовлекуваат во партиски игри.