Поранешниот долгогодишен судија во одделението за борба против организираниот криминал и корупција, а сегашен адвокат м-р Владимир Туфегџиќ, одличен познавач на меѓународно-правната материја за справување со корупцијата, во својата колумна за „Нова Македонија“, насловена „Дојдоа, видоа, заминаа, што сега?“, отворено дискутира за доаѓањето на американскиот тим за санкции и борба против системската корупција. Од своето долгогодишно искуство во правосудството, адвокатот Туфегџиќ вели дека во изминатите 30-тина години Македонија докажа дека нема доволен капацитет во институционална смисла за конкретна реализација во справувањето со системската, поточно високата корупција, а сето ова поради немање на доволен степен на професионализам и одговорност кај носителите на јавни функции.
Тој констатира дека нема дилеми дека системската корупција извира од носителите на власта преку различни облици на трговија со влијание, скриена сопственост, ветување награда за противзаконито влијание во финансиска смисла или повластено унапредување и добивање на соодветни привилегии за себе или за блиски членови на семејството.

Според адвокатот Туфегџиќ, политичките партии, партиските функции, партиските персонални решенија и вработувања, станаа врвен приоритет а не државата, а се што се прави се прави во име на партијата и партиската организација а не во име на државата и тоа со тек на време стана вообичаено однесување. Во својата колумна, Туфегџиќ се осврнува и на изјавата на американскиот амбасадор Анџела Агелар, која кажа дека е „збунета” поради ваквите состојби, но тој во дух на добра намера и разбирање, потенцира треба да се знае дека „збунетоста” се должи на фактот на нарушениот вредностен систем на кариера и напредување, надворешните влијанија, ограничувачките фактори кои не дозволуваат да испливаат на површина професионалци во судската и обвинителската фела во кои се вложени сериозни финансиски сретства во едукација, обука во борбата против организираниот криминал и корупција, професионалци кои се посветени и постојано вложуваат во својата едукација…

Колумната прочитајте ја во утрешното издание на „Нова Македонија“