Во Собранието попладнево продолжи затворената седница на собраниската Комисија за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Агенцијата за разузнавање, посветена на случајот со доделувањето на македонско државјанство на украинскиот бизнисмен Олександр Онишченко.
Досегашниот директор на АНБ, Виктор Димовски не е присутен на седницата, иако би требало да продолжи со сведочењето за улогата на Агенцијата во безбедносната проверка на Онишченко при давањето на позитивно мислење за добивање македонско државјанство.
Првото продолжение на седницата, кое исто така беше затворено за јавноста, беше прекинато бидејќи имаше информации дека на Јутјуб се слуша тоа што го зборувал Димовски. Собранискиот спикер Талат Џафери тогаш го информираше МВР и беше спроведена истрага за случајот.
Денешното продолжение, претседателот на собраниската Комисија, Љупчо Пренџов го закажа откако јавноста беше информирана дека пристигнал извештајот од МВР за истрагата.
Владата вчера за нов директор на Агенцијата за национална безбедност го именуван Зарко Милошевски, кој досега беше помошник директор на Одделот за безбедносни проверки и НАТО регистар во АНБ.