Фото: Игор Бансколиев

Во НАТО одекнува мантрата дека престанува со воздржувањето од распоредување сили во Источна Европа

Причина за загриженост во актуелниот момент не се само дејствата на сега веќе декларираниот противник на НАТО, Русија, туку и своевидни „автономни“ дејства на земјите-членки на Алијансата. Од балкански регионален аспект, забележливо е дека Турција не дејствува секогаш само според концептот на НАТО, туку често демонстрира и автономни акции во контекст на своите национални интереси. Колку и да изгледа невозможно во овој миг на разгорен руско-украински конфликт, глобално е потребна архитектура на друг и нов безбедносен концепт, кој ќе го вклучува и НАТО (заедно со автономните играчи како Турција), но и Русија, концепт што нема да го игнорира меѓународното право

Во пресрет на самитот на НАТО, кој треба да се одржи во Мадрид (Шпанија), од 28 до 30 јуни, деновиве, министрите за одбрана на земјите-членки на Алијансата се состануваат да ги подготват концептот на темите и прашањата што се наметнуваат како особени приоритети, во кои најсериозен предизвик се односите со Русија, во услови на траење на руско-украинскиот конфликт, каде што нема сигнали ниту за примирје, а не пак за конечен мир. Лидерите на земјите-членки на НАТО ќе се состанат на самитот кон крајот на јуни, во Мадрид, за да ги одобрат сите најавени промени во дејствувањето на Алијансата.

НАТО повеќе не е обврзано да се воздржува од распоредување на силите во Источна Европа

Во контекст на акутниот предизвик во односите со Русија, внимание привлече изјавата на заменик-генералниот секретар на Алијансата, Мирчеа Џоана, кој порача дека „НАТО повеќе не е обврзано како порано да се воздржува од распоредување на своите сили во Источна Европа“. Џоана аргументира дека поради рускиот напад врз Украина, Алијансата веќе нема ограничувања во создавањето силни позиции на своето источно крило.

Тие (Русите) донесоа одлуки, обврзувајќи се (во Основачкиот акт Русија – НАТО) дека нема да ги напаѓаат своите соседи (што го прават) и дека редовно ќе се консултираат со НАТО – што не го прават. Оттука, мислам дека овој Основачки акт, во основа, е невалиден поради Русија. Сега ние немаме ограничувања во однос на нашата силна позиција на источното крило и ќе обезбедиме секој квадратен сантиметар од територијата на НАТО да биде заштитен со членот 5 и нашите сојузници – констатира заменик-генералниот секретар на Алијансата, Мирчеа Џоана.

Членот 5 од Договорот за основање на НАТО се однесува на заедничката одбрана и во него се вели дека нападот врз една од членките е напад врз сите нив.

Според Основачкиот акт од 1997 година, кој имаше цел повторно дефинирање на односите меѓу Русија и НАТО, двете страни се согласија да работат на „спречување какво било потенцијално заканувачко трупање конвенционални сили во договорените европски региони, вклучувајќи и во Централна и Источна Европа“.

Во контекст на акутниот предизвик во односите со Русија, внимание привлече изјавата на заменик-генералниот секретар на Алијансата, Мирчеа Џоана, кој порача дека „НАТО повеќе не е обврзано како порано да се воздржува од распоредување на своите сили во Источна Европа“. Џоана аргументира дека поради
рускиот напад врз Украина, Алијансата веќе нема ограничувања во создавањето силни позиции на своето источно крило

Уште во 2017 година, како мерка за одвраќање, НАТО распореди мултинационални тактички групи на териториите на балтичките држави и Полска. По почетокот на руската инвазија на Украина, на 24 февруари, НАТО испрати засилување во регионот. Балтичките држави повикаа на поголемо присуство на сојузниците, вклучувајќи и за развој на бригади, кои би биле замена за помалите тактички групи.

НАТО нема луксуз да си дозволува да го игнорира или прекршува меѓународното право

Непобитен факт е дека безбедносните предизвици во Европа, па и во глобалната геополитика, се издигнати на „ниво на тревога“, со почетокот на руско-украинскиот конфликт. Тоа, од една страна, прави загриженост за Алијансата и безбедностите зафати на НАТО ги прави оправдани, па и неопходни. Но далеку од тоа дека сите тие дејства треба да бидат оправдувани со аргументи надвор од меѓународните договори и меѓународното право врз чија основа се потпишани. Првото логично прашање што се наметнува кога еден меѓународен договор се смета за прекршен е какви опции им остава на претходно договорените страни. А во конкретниот случај – какви реални ефекти по безбедноста на земјите-членки на НАТО во Европа може да предизвика процената дека Основачкиот акт од 1997 е прекршен (од страна на Русија) и Алијансата нема веќе ограничувања за засилување на своите сили во Источна Европа?
– Одговорните и принципиелните субјекти во меѓународните односи не би требало да си дозволат да ги игнорираат меѓународното право и договорите што ги склучиле врз негова основа. Сепак, во реалните меѓународни односи не може да се препознае врвен судски арбитар што би наложил да се почитуваат неговите процени, одлуки и пресуди при констатирање дека се прекршени договорите, кој ги прекршил и да се прифати одговорноста за спроведување на пресудата. Навистина постои Меѓународниот суд на правдата, но, впрочем, Македонија има непријатно искуство за реална моќ на неговиот авторитет да бидат прифатени пресудите што ги носи од другите меѓународни субјекти. Во практиката, меѓународните договори престануваат да важат кога договорените страни ќе престанат да ги почитуваат или немаат интерес да ги почитуваат – вели политикологот и поранешен македонски амбасадор Ивица Боцевски.

Во однос на прекршувањето на Основачкиот акт меѓу НАТО и Русија, Боцевски цени дека на претстојниот самит на НАТО може да се случи само формална констатација на состојбата, но и понатаму останува прашањето кога првпат се случило тоа. Дали прекршувањето започнало со интервенцијата на Русија во Грузија во 2008 година, во Украина во 2013… или со интервенцијата на НАТО во Југославија во 1999 година.
– Констатацијата за еден неколкукратно прекршен меѓународен договор станува ирелевантна при соочувањето со актуелната загриженост за европската безбедност. Притоа, причина за загриженост не се само дејствата на сега веќе декларираниот противник на НАТО, Русија, туку и своевидни „автономни“ дејства на земјите-членки на Алијансата. Од балкански регионален аспект, забележливо е дека Турција не дејствува секогаш само според концептот на НАТО, туку често демонстрира и автономни интереси. Колку и да изгледа невозможно во овој миг на разгорен руско-украински конфликт, глобално е потребен архитектонски концепт за безбедност што ќе го вклучува и НАТО (заедно со автономните играчи како Турција), но и Русија, кој нема да го игнорира меѓународното право – вели Ивица Боцевски.

Професорот на Воената академија, Оливер Андонов проценува дека практиката на почитување на меѓународните договори покажува дека ниту еден договор не мора да трае вечно. Според Андонов, и досега, пред да биде констатирано прекршување на Основачкиот акт меѓу НАТО и Русија, Алијансата била во позиција со согласност и договор со своите членки да распоредува сили на нивна територија.
– Не е ништо сензационално засилувањето на силите на НАТО на територијата на земјите-членки од источното крило. И досега ракетниот штит на НАТО беше распореден во Романија, а има сериозни воени формации и во балтичките земји. Во смисла на распоредување на воените сили, НАТО може да се шири без проблеми и ограничувања. Дури мислам дека и во оваа ситуација на затегнати односи со Алијансата, поради нејзината операција во Украина, реакцијата на Русија за зајакнувањето на источното крило на НАТО ќе биде повеќе дипломатска, отколку воена. Сметам дека многу поголем предизвик на претстојниот самит на НАТО за земјите-членки би била одлуката за задолжително зголемување на буџетот за одбрана, што би можело да се искачи и до 4 отсто од националното БДП. Таквото барање би се оправдало со зголемување на ефективите во одбраната на земјите-членки во услови на безбедносен ризик од руско-украинскиот конфликт, но прашање е како би го поднеле тоа националните буџети во време на економска криза – вели професорот Оливер Андонов.