Предложените измени се спротивни на заложбата за безусловна борба против корупцијата и за засилени санкции против лицата кои се обвинети или осудени за коруптивни кривични дела, реагира денеска „Транспаренси Интернешнл“ – Македонија (ТИ-М), изразувајќи загриженост во врска со Предлогот на Владата за изменување и дополнување во скратена постапка на Кривичниот законик.
Во реакцијата се вели дека во моменти на силни внатрешни и надворешни укажувања дека корупцијата, а посебно високата корупција е на високо ниво, а довербата во правосудниот систем кај граѓаните е на најниско ниво во историјата на државата, кога владее состојба на неказнивост и недостига секаков вид на одговорност, во Собранието е доставен предлог на законско решение, кој треба да овозможи поблаг третман, поблаги санкции, ослободување од вина, оневозможена конфискација, за сторителите кои за сопствени цели ја злоупотребиле својата службена положба.
„Транспаренси“ напоменува дека со новиот предлог закон за измени на Кривичниот законик се предлага намалување на казните за кривичното дело злоупотреба на службена положба и овластување, се брише ставот 5 од членот 353, кој ја санкционира злоупотребата на службената положба и овластувања при вршење јавни набавки или на штета на Буџетот и на јавните фондови за кој беше запретена казна од најмалку 5 години затвор, а максималната казна затвор за злосторничко здружение се намалува од 10 на 3 години, а се укинува и проширената конфискација за нелегално стекнат имот.
-Со намалување на висината на казната на конкретните дела се намалува и должината на нивното застарување и сето наведено е предложено преку скратена постапка – употребувајќи го европско знаменце. Следствено на ваквите измени, треба да се погледне членот 3 од Кривичниот законик – Задолжително применување на поблаг кривичен закон став 2 – Ако по извршувањето на кривичното дело е изменет законот, еднаш или повеќе пати, ќе се примени законот што е поблаг за сторителот одредени постапки подлежат на застареност – наведуваат од „Транспаренси“.
Оттаму истакнуваат дека со ваквото законско решение многу обвиненија и истраги за висок коруптивен – финансиски криминал сторен на штета на државата ќе се соочат со застареност и додаваат дека со измените на КЗ од 2018 година, се намалиле казните за злоупотреба на постапката за јавни набавки (тендерска постапка) и доделувањето договори за јавни набавки или јавно-приватно партнерство, на што резултатот бил неказнивост на кривично осудено лице.
Оваа практика на носење на закони по мерка, се додава во реакцијата, веќе е препознаена и нотирана во времето кога требаше да се обезбедат гласови за Преспанскиот договор.
-Законите што се скроени по мерка претставуваат релативно нов облик на корупција на високо ниво, каде што законите и прописите тивко се донесуваат или се изменуваат во полза на приватните интереси на некое лице или претпријатие. Во овој случај веќе постои практика определени политички цели да се постигнуваат со „тивка амнестија“ за што уште еднаш сите заложби за правна држава се уриваат пред заложбата за политички компромис – се вели во реакцијата.
„Транспаренси“ укажува дека штетата која што може да настане како последица на ваквите законски решенија, каде што практично доаѓа до неказнивост би била огромна.
Секоја измена на Кривичниот законик, додава „Транспаренси“, привлекува огромно внимание како од стручната фела така и од сите чинители во опшеството, така и оваа и не смее да се дозволи „тивка амнестија“ на сторителите на коруптивни кривични дела на штета на граѓаните и затоа предлагаме овој предлог да биде повлечен.
– Борбата со корупцијата опфаќа заедничка соработка на сите чинители во опшеството преку заедничко, континуирано и посветено дејствување – истакнаа од Транспаренси Интернешнл – Македонија и нагласија дека нивната реакција ќе биде доставена до GRECO, UNODC и до Транспаренси Интернешнл.