Претседателката Гордана Силјановска Давкова упати честитка до граѓаните по повод 11 Октомври – Денот на народното востание, порачувајќи дека 11 Октомври е меѓникот што ја одреди нашата сегашност и иднина, денот кога ние храбро и одлучно се вклучивме во антифашистичката коалиција на слободољубиви и правдољубиви народи, со што ја избравме вистинската страна во најголемата војна во историјата на човештвото, цврсто решени да ги победиме окупаторите и да се избориме за слободна национална држава.
На денешен ден, вели во честитката Силјановска Давкова, со гордост и чест им оддаваме заслужена почит на македонските партизани кои во 1941 година се кренаа на востание и ја започнаа народноослободителната борба.
– Благодарни на хероите за нивната натчовечка жртва, имаме одговорност кон нив, но и кон нашите деца и внуци да продолжиме да ја градиме македонската држава согласно идеалите што ни ги оставија во аманет, оти чувањето на татковината е важно колку и чинот на нејзиното ослободување. Секоја генерација се соочува со нови предизвици. Изминативе 33 години ние се боревме за признавање на независноста и добивање заслужено место во европското семејство и во меѓународните организации, за зачувување на мирот и градење демократија. Борбата за нашите правдини, но и за правна држава, нагласува Силјановска Давкова.
Да ве потсетам: нашите предци се сплотија и заедно го постигнаа она што не можеа да го остварат засебно – слободна македонска држава.
-Ве повикувам да ги надминеме меѓусебните делби и да се обединиме во заедничката борба за просперитетна европска држава и за праведно македонско општество. Нека ни е честит 11 Октомври – Денот на Народното востание – стои во честитката од Гордана Силјановска Давкова.