Фото: Маја Јаневска-Илиева

Министерот за надворешни работи Бујар Османи изјави дека утрешниот состанок на албанскиот премиер Еди Рама со лидерите на политичките партии на Албанците од Македонија во Тирана е новогодишна средба со цел размена на мислења по однос на актуелните прашања од регионот. Османи вели дека Рама е докажан пријател на Македонија и затоа смета дека не треба да се создава конспирација околу овој состанок.

-Очигледно, оваа година ќе биде година на предизвици за регионот. Сепак, се наоѓаме во година во која што се уште постои војна во нашиот континент во кој што постојат бројни регионални предизвици, заедничките аспирации на двете земји за продолжување на преговорите за членство во Европската унија – рече Османи одговарајќи на новинарски прашања.

Рама на средбата во Тирана ги поканил лидерите на ДУИ, Али Ахмети, на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, на Движењето Беса, Билал Касами, на Алтернатива, Африм Гаши и на ДПА, Мендух Тачи.

Пратеникот од Движењето Беса, Фадил Зендели денеска изјави дека тие нема да присуствуваат на средбата бидејќи е во полза на ДУИ, а секогаш кога оваа партија има внатрешни превирања се одржуваат вакви средби во Тирана.

-Како политичка партија Движење Беса не сме подготвени да седнеме на иста маса со ДУИ. Во овој момент на ДУИ му е потребна средба во Тирана – рече Зендели.

Од кабинетот на Рама не ја објавија агендата за средбата, а министерот Османи рече дека нема однапред предвидена агенда за што ќе се разговара.

Претходно опозициската ВМРО-ДПМНЕ реагираше дека само СДСМ нема против оваа средба, каде што за македонските прашања – се координираат во Тирана.

-Очигледно, Али ќе ја учи и Тирана за зелената агенда или Тирана ќе спрема втора тиранска платформа, која после Али ќе му ја даде на Ковачевски? – се посочува во соопштението од опозициската партија.