Фото: МИА

Уверен сум дека решението на спорот меѓу Скопје и Софија може подобро да се постигне во рамки на ЕУ. Инсиститирањето на идентитетски прашања во билатерален спор не треба да биде приоритет во моментов, оценува директорот на Канцеларијата на Фондацијата „Конрад Аденаур“ во Скопје, Даниел Браун.

– За жал за ова зборуваме повеќе од една деценија. Северна Македонија ја покажа својата подготвеност за постигнување договор со нејзините соседи, но тоа не може да се постигне еднострано и е тешко изводливо ако една страна има потврди позиции. Уверен сум дека решението за билатералниот спор може подобро да се постигне во рамки на ЕУ, но денес се соочуваме со нови војни во Европа и тоа треба да биде сигнал за сите демократии дека е подобро да сме обединети во рамки на нашите демократски институции и сојузи. Инсистирањето на идентитетски прашања не треба да биде приоритет во моментов. Договор е можен ако кај двете страни има волја за компромис – вели Браун прашан за оценка за можностите земјава да ги почне преговорите со ЕУ оваа година пред промоцијата на две аналаизи за евроинтегративниот процес за земјава.

Претседателот на Институтот за демократија Марко Трошановски во однос на наодите на анализите за евроинтеграцијата на земјава, вели дека тие може да се резимираат во реченицата оти „европскиот сон за земјата се уште сјае, но европската реалност се претвори во лош сон“.

– Кредибилитетот на Европската Унија продолжува да пропаѓа. Тој е неколку години по ред во голем пад. Унијата се помалку станува значајна во личните животи на луѓето, особено кај Македонците. Се зголемува перцепцијата дека Америка е многу повлијателна од Европа и првпат тоа е мнозински став и кај етничките Македонци, што досега беше резервиран за Албанците – вели Трошановски.

Исто така, она што е многу важно е и дека перцепцијата за влијанието на Европа како најдобар сојузник на земјата бележи огромен пад.

– Ако била 34 отсто пред две-три години сега е само девет проценти, така што во една целина што се однесува до евроинтеграцискиот процес нашата популација е дезориентирана, разочарана и мислам дека трансформативната моќ на пристапниот процес, меката моќ на Унијата како модел на вредности за жал се повеќе бледнее во нашата земја – вели Трошановски.

Во однос на преговорите со Бугарија, како што посочува тој, очигледна е огромната неподготвеност на нашите граѓани да прават компромиси особено по прашањата на јазикот и историјата, додека за бугарското малцинство како такво, отпорот е голем меѓутоа е поблаг и помал од овие други прашања што исто така кажува дека преговори со Бугарија на тема на јазик и идентитет апсолутно не поминуваат кај јавноста овој пат.

Фондација „Конрад Аденауер“ и Институтот за демократија денеска промовираа два истражувачки труда „Анализа на јавното мислење за македонскиот процес на пристапување кон Европската Унија (2014 – 2021)“ и „Од пофалби до разочарувања: 2021 Анализа на јавното мислење за македонскиот процес на пристапување кон Европската Унија“. Текстовите се изработени врз основа на истражувањето на јавното мислење за евроинтеграцискиот процес на Македонија спроведено во ноември 2021 година. Истражувачките трудови ќе бидат претставени од страна на д-р Иван Дамјановски, Зоран Нечев и Анамарија Велиновска.