Во историскиот документ од германските архиви јасно се говори за бугарска асимилаторска политика кон Македонците. Бугарските учители во основните и средните училишта ги воспитувале децата од Македонци „да станат шовинистички Бугари“ и ги подучувале „да ги мразат и да ги презираат Србите“

Историски документи од германските архиви: За „македонството, стремежот за македонска национална независност и македонската одбивност спрема Бугарите“…

Во германските архиви постојат голем број документи што дополнително ја расветлуваат политичко-општествената состојба во Македонија во текот на Втората светска војна, како и улогата и односот на царска Бугарија кон Македонија и Македонците. Особено интересен документ, во кој јасно се образложува односот на Македонците кон нацистичка Германија и Бугарија, како и пројавите на т.н. македонство, се датира на 28 септември 1943 година. Станува збор за општа анализа на состојбата во Македонија.

Германија го губи престижот кај Македонците

Според документот, германскиот неуспех кај Ел Аламеин, сојузничкото истоварување во Северна Африка и особено битката кај Сталинград придонеле за се рашири убедувањето дека Германија нема да победи во војната. Големото германско повлекување на истокот и партизанските движења во Србија, Хрватска, Црна Гора, Словенија, Грција и Албанија го поткрепиле „општото мислење кај словенското население во Македонија дека Германија сѐ помалку е во состојба да биде господар на настаните“.
Во извештајот се вели дека во последно време, кога германската армија минувала низ Македонија, се набљудувала особено критички и „постои стремеж, во секоја, па дури и во најбезначајната да се најде потврда за растечкото дефетистичко мислење“.

Македонската одбивност спрема Бугарите и нивната пропаганда

Германскиот документ јасно сведочи за спротивставувањето на Македонците кон бугарската окупаторска власт. Според извештајот: „Одбивноста спрема Бугарите произлегува од многу причини, а особено од различниот третман на Македонците“. Во понатамошниот дел од документот се вели дека во Македонија, бугарските службеници ги држат во свои раце важните, компетентните и најдоходните управни места, а Македонците се ставаат на подредени места, кои тие ги сметаат за понижување и не можат да го усогласат со „ослободувањето“ (наводниците се во оригиналот).
Според документот, старите Бугари во своето однесување најчесто се недостапни, одбивни, скржави и недруштвени, поради тоа Бугарите имале малку контакти со домашното население. Во извештајот јасно се говори за бугарска асимилаторска политика кон Македонците. Бугарските учители во основните и средните училишта ги воспитувале децата „да станат шовинистички Бугари“ и ги подучувале „да ги мразат и да ги презираат Србите“.
Во документот се вели дека старите Бугари се стремат да ги жигосаат Македонците како сосема заведени и неуспешни луѓе, го потхрануваат „кај нив чувството на пониска вредност и на тој начин се стремат без отпор да ги потчинат на своето раководство“. Во анализата се вели дека Бугарите се служат „речиси со истите владејачки методи како и Србите и, следствено, резултатите се исти. Сѐ до 1941-та, Македонците копнееја за ослободување од Србите, а сега истото ослободување го посакуваат и од Бугарите“.

За македонството и стремежот за национална независност

Во историскиот документ од германска провениенција се вели дека Бугарите направиле доста работи за пофалба, особено во социјален поглед, меѓутоа исто така се вели дека „мнозинството од старите Бугари останаа туѓо за душата на македонскиот народ“. Во понатамошната анализа се констатира дека Бугарите и нивната власт предизвикувале незадоволство кај Македонците, а тоа незадоволство се изразувало преку „стремежот за национална независност“.
Во документот јасно се вели дека стремежот „за независност има за цел потполна автономија на македонскиот народ во состав на една јужнословенска држава“. Според авторот на извештајот, постоела желба за независност на Македонците од Србите и од Бугарите. Седиштето на македонското национално движење се наоѓало во Скопје и имало многу приврзаници во интелектуалните кругови, а зад себе има сигурно 80 отсто од селанството.
Во документот се констатира дека голем дел Македонци што живееле во Бугарија и во Србија исто така биле приврзаници на ова движење, а во Скопје и други градови биле основани тајни одбори на кои се дискутирала и обработувала оваа идеја.

Македонската автономија се смета за веројатна

Во контекст на стремежот за македонска национална независност, се вели дека Германија се надева на реализација на идејата само во случај доколку бугарската војска учествува активно во сегашната војна. Според документот, доколку бугарската армија не учествува, тогаш Рајхот ќе „се ослободи од политичките обѕири спрема Бугарија и ќе може да ги задоволи желбите на Македонците“. Според документот, реализацијата ќе мора да се изнуди со сила во рамките на бугарската држава.
Во однос идејата за македонска независност, исто така се вели дека доколку одлуката биде донесена од Англоамерика, македонската автономија во составот на југословенската држава се смета за веројатна. Во спротивно, и таа ќе мора да биде изнудена, притоа од големо значење ќе биде заемното надигрување на Бугарите и Србите. Како последица на оваа состојба, во анализата се констатира дека се „создава опозиција спрема Бугарите и соодветното расположение кај населението“.