Фото: МИА

Контролите на боледувањата во 2025 година се речиси двојно зголемени во споредба со 2024, информира директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски. Како што посочи, контролите не само што откриваат злоупотреби, туку и укажуваат на слабости во системот.

Тој најави дека е формирана работна група за измени на правилникот за боледувања, при што се анализираат пропустите и можностите за подобрување. Процесот ќе се одвива во консултација со матичните лекари, синдикатите, работодавачите и здруженијата на пациенти.

Целта, нагласи Клековски, не е ограничување на оправданите боледувања, туку спречување на злоупотребите и обезбедување подобар пристап за оние на кои навистина им е потребно.

Како клучен чекор се посочува дигитализацијата на процесот, со цел зголемена ефикасност и транспарентност. Притоа се разгледуваат искуства од земји како Словенија и Србија, со цел креирање подобрени решенија во соработка со Министерството за здравство.

Во однос на можноста за продолжување на породилното отсуство на една година, Клековски рече дека се прават анализи за честите дијагнози поврзани со бременоста, како и за користењето боледувања пред и по породувањето.

Доколку се утврди поврзаност, можно е да се разгледаат измени во системот на породилно отсуство, но конечните одлуки ќе зависат и од финансиските анализи.